Од 18 часот вечерва граничниот премин Евзони за влез во Грција е блокиран од грчките земјоделци и на секој половина час по десет минути се пропуштаат патнички и товарни возила.

Веста за МИА ја потврди началникот на Регионалниот центар за гранични работи Југ при МВР, Славчо Богев.

-Од 18 часот по македонско време отежнат е влезот во Грција преку преминот Евзони заради блокада на грчките земјоделци. Рампите се креваат на десет минути на секој половина час и засега немаме информација до кога ќе биде блокиран влезот, изјави Богев.

На другите граничните премини со Грција протокот на патници и стока засега се одвива нормално, а до 19 часот имало тричасовен застој на преминот Меџитлија-Ники, кој бил блокиран од грчките земјоделци од 16 часот.