Амандманската расправа се одвиваше во дух на инклузивност и транспарентност
Денес, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ја одржа амандманската расправа по Предлог-законот за јавно обвинителство, закон кој е од особено значење за унапредување на владеењето на правото и зајакнување на институционалната доверба.
„Во духот на конструктивен дијалог и демократска зрелост, беа прифатени 14 амандмани од сите пратенички групи кои поднесоа предлози за подобрување на текстот на законот. Овој пристап потврдува дека клучните реформски процеси можат и треба да се водат низ инклузивност, со почитување на различните ставови и со заедничка одговорност кон јавниот интерес“, истакна претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов.
Пренџов додаде дека процесот се одвивал транспарентно и отворено, со вклучена јавна расправа и активно учество на сите релевантни чинители. „Како претседател на Комисијата за политички систем, особено ми претставува чест што дебатата беше темелна и вклучуваше различни гласови“, рече тој.
Врз основа на дискусиите, Комисијата му предлага на пленумот да го усвои Предлог-законот за јавно обвинителство како резултат на темелна дебата и заедничка посветеност кон јакнење на правната држава.
„Остануваме посветени на градење институции што функционираат во интерес на граѓаните – преку дијалог, транспарентност и одговорност“, нагласи Пренџов, потенцирајќи дека овој процес е пример за демократска и инклузивна практика во носењето на клучни закони.
