Денес, Македонија се вбројува во земјите кои најлошо се справуваат со економските предизвици и во регионот и во Европа. Просечниот годишен раст на БДП за периодот 2017-2020 година во Македонија не е ниту 0,5% годишно, ова денеска од Собранието го истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов.

-Она што особено е загрижувачки е падот во индустриското производство во изминатиов период. Во септември падот е 8%, во октомври 6,5%, а во декември речиси 5%. Во прилог не ни одат ниту трендовите во автомобилската индустрија на светско ниво кои ги погодуваат и капацитетите што ги имаме во Технолошко индустриските развојни зони. Нивното учество во домашната индустрија е 12%, а како сектор имаат пад од 9% за 2021 година. Македонските граѓани се задолжени како никогаш до сега. Јавниот долг го надмина прагот од 60% и којзнае кога ќе се вратиме под ова ниво со оваа Влада. Буџетскиот дефицит за месец и половина е 10 милијарди денари или 160 милиони евра. Повторувам, само од нова година, за 40тина денови сме задолжени со нови 160м евра. Од почетокот на 2020 година до денес дупката во буџетот изнесува повеќе од 1,6 милијарди евра. Настрана од овие економски показатели за целата економија и за јавните финансии, граѓаните се соочуваат со огромни поскапува во изминатиов период. Пред неколку дена излезе податокот дека инфлацијата само за изминатиов јануари е 6,7% , во услови кога дел од производите се со замрзнати цени, вели Пренџов.

Тој додава дека буџетот на Република Македонија не го полни Владата, политичарите или пратениците. Буџетот го полнат даночните обврзници, ние граѓаните со плаќање на ДДВ, но пред се бизнис секторот. Од вкупно 800 илјади вработени, 600 илјади наши сограѓани се вработени во приватниот сектор. Државата мора да биде партнер со бизнис секторот, нешто што во моментов не е случај. Според последниот извештај на Херитиџ, Македонија е падната за 7 места на ранг листата на економски слободи. Во оваа насока мора да се спомене дека државата го остави бизнис секторот сам да се справува со енергетската криза. Цената на струјата е помеѓу 4 и 6 пати повисока за стопанството, а оние што се поврзани на гас истотака не се поштедени и се соочуваат со високи трошоци. Тука би ги споменал и превозниците кои се соочуваат со драстично повисоки цени на нафтените деривати. За само една година цената на литар гориво е зголемена за повеќе од 30 проценти, а Владата размислува само за нови, повисоки давачки и акцизи. Истовремено имаме најава и за дополнителни покачувања на цените на енергенсите на светските берзи поради актуелните случувања. Повторно ќе потенцирам, Владата мора да му помогне на бизнис секторот и заеднички, партнерски, да ја пребродиме економската криза затоа што без стабилно стопанство не може да има просперитетна држава.

-Водени од бројните реакции на сите стопански субјекти и граѓаните, како пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија бараме, во најбрз можен рок да се закаже јавна расправа за актуелните економски случувања, и за тоа како да се премости кризата со цената на енергенсите кои влијаат на ликвидноста на компании, а со тоа и на цените на производите кои ги продаваат. На оваа јавната расправа, мора да бидат поканети сите стопански комори во Македонија, синдикати, организации на работодавачи, академска заедница и други заинтересирани страни. Резултатот од оваа јавна расправа мора да е еден оперативен план со конкретни мерки кои треба да ги превземе власта за полесно пребродување на 2022 година, вели Пренџов.