Најизложени се административни, правни и аналитички работни места
Вештачката интелигенција може да донесе длабоки промени на пазарот на трудот, при што дел од професиите би можеле да исчезнат, а работното време да се скрати, наведува ОпенАИ во свој нов извештај. Според анализата, најголема изложеност има кај работни позиции каде задачите се извршуваат дигитално, аналитички или административно.
Во таа група спаѓаат деловни и финансиски операции, канцелариска и административна поддршка, компјутерски и математички работи, како и управувачки позиции. Извештајот ги опфаќа и архитектурата и инженерството, правните професии, уметноста, дизајнот и медиумите, научно-истражувачките области, продажбата, образованието и библиотекарството.
ОпенАИ проценува дека околу 18 отсто од работните места се изложени на значаен ризик од автоматизација, додека кај дополнителни 24 отсто може да се намали потребата од вработени. Компанијата нагласува дека техничката можност за автоматизација не значи автоматско укинување на работни места.
Четиридневна работна недела како можен модел
Во извештајот се предлага владите да поттикнат пилот-проекти за четиридневна работна недела од 32 часа, со задржување на целосната плата. Според ОпенАИ, зголемената продуктивност со помош на вештачка интелигенција може да донесе корист и за компаниите и за вработените.
Како потенцијални придобивки се наведуваат пократка работна недела, повеќе слободни денови и подобри работни бенефиции. Меѓу можностите се споменуваат и повисоки пензиски придонеси, подобра здравствена заштита и субвенции за грижа за деца.
Експертите предупредуваат на потреба од системски промени
И покрај оптимистичките сценарија, експертите предупредуваат дека ваквите промени нема да се случат автоматски. Професорката Џина Неф од Универзитетот во Кембриџ за Би-би-си оцени дека моделот може да функционира, но само со сериозни промени во политиките и пристапот кон работата од страна на државите и бизнис-секторот.
