– Од вкупно 23 препораки Северна Македонија целосно или делумно имплементирала 13 препораки, останатите преостанува да се имплементираат до наредниот извештај, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.

Ова, посочи Маричиќ е втор последователен охрабрувачки извештај од ГРЕКО – телото на Советот на Европа кое се занимава со мониторинг на антикорупциските стандарди во државите членки, што, нагласи тој, говори за континуитетот на владините антикорупциски политики.

– Европското тело ја оцени како целосно имплементирана препораката за објавување на имињата и висината на хонорарите на советниците на Владата и министрите, како и фактот дека за сите постојни и идни советници се применува тестот за интегритет. Исто така, се поздравува тоа што се предвидени и веќе се применуваат санкции за непочитување на Кодексот од страна на највисоките носители на извршни функции. ГРЕКО потенцира дека Владата обезбедила значителни финансиски, материјални и човечки ресурси за работата на ДКСК, особено за развој на база на податоци и софтверски решенија, изјави Маричиќ на денешната прес-конференција.

ДКСК, рече тој, работи по нов закон и зголемен буџет и има отворен простор да ја предводи борбата против корупцијата, заедно со Владата и правосудните органи.

– Гледаме дека се отвораат предмети и постапки за лица, без разлика дали се дел од власта или опозицијата и без разлика на кое ниво на вршење на јавна функција се наоѓаат. Тоа е за поздравување и е единствениот начин суштински да се променат работите, пред се за доброто на граѓаните, истакна Маричиќ.

ГРЕКО, исто така, е задоволен и од изработката на практичен водич од ДКСК со јасни насоки од функционерите како да го идентификуваат евентуалниот конфликт на интерес во своите редови.

– Согласно препораката на ГРЕКО, добро е што со измените на деловникот за работа на Владата се објавуваат и имињата на лицата кои учествуваат на владините седници, а не се членови на Владата. ГРЕКО, препорачува овие правила да се прошират и применуваат и за лица кои учествуват во одбори, комисии, стручни совети и слично, рече Маричиќ.

Групата ГРЕКО, дава позитивен коментар и за измена на владината уредба за примање подароци и, посочи Маричиќ, останува подобро менаџирање и водење регистар на подароци од страна на сите функционери.

Во делот на делумно или неимплементираните препораки, според Марчиќ, Владата се обврзува да работи на нивно исполнување до септември 2022 година.