Специјализираните совети на Косово во Хаг денеска објавија дека на 17 ноември ќе ја изречат пресудата против Хашим Тачи и уште четворица обвинети во случајот за попречување на правдата. Информацијата ја објавија на својот профил на социјалната мрежа Икс.

Покрај Тачи, обвинети се и поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово Башким Смакај, Исни Киљај, Фадиљ Фазљију и Хајредин Кучи. Специјализираното обвинителство во поднесокот од 25 септември побара Тачи да добие шест години затвор, без од казната да му се одземе времето поминато во притвор. За Смакај, Киљај и Фазљију побарани се по три години затвор, а за Кучи девет месеци, објави „Косово онлајн“.

Според обвинението, од 12 април до 2 ноември 2023 година, за време на одделни посети без привилегиран статус во притворскиот центар, Тачи им дал на Смакај, Киљај, Фазљију и Кучи доверливи информации за сведоците на обвинителството во посебниот предмет за воени злосторства против него. Тачи, според обвинителството, им дал и детални инструкции како да влијаат врз сведоците.

Тачи е обвинет по три точки за обид за попречување службено лице во вршењето на службените должности преку учество во заедничката акција на групата, четири точки за кршење на тајноста на постапката и четири точки за непочитување на судот.

Смакај, Фазљију и Киљај се обвинети за обид за попречување службено лице во вршењето на службените должности и за непочитување на судот. Кучи е обвинет за непочитување на судот.

На 16 септември, Специјализираните совети на Косово го осудија Тачи на 25 години затвор за воени злосторства извршени во 1998 и 1999 година.