Со изведба на театарските претстави „Закопани чуда“ од Хрватска и „Смртен исход од атлетските повреди“ од Босна и Херцеговина, како и со музички концерт на изведувачката „Arbëreshë“, вечерва во Младинскиот културен центар продолжува 51. издание на реномираниот фестивал Млад отворен театар.

Публиката во главниот град ќе има можност да проследи богата фестивалска програма исполнета со современи театарски и музички содржини, при што на репертоарот се две регионални театарски остварувања и концерт на косовско-швајцарската уметница за традиционални песни на кој влезот е бесплатен.

Програмата започнува во 20 часот во салата „Фросина“ со претставата „Закопани чуда“ на хрватската уметничка организација ТАХТ, работена во режија на Нина Виолиќ.

Ова мултимедијално остварување, базирано на делото на авторката Моника Херцег, прикажува интимна сценска сторија за љубовта, сеќавањата и илузиите низ три простори наречени Рајската градина, Мостот и Станот, а главните улоги ги толкуваат Леон Лучев и Јелена Граовац Лучев со времетраење од 90 минути на хрватски јазик со македонски превод.

Вечерта продолжува во 22 часот во Клубот МКЦ со босанската претстава „Смртен исход од атлетските повреди“ на „Моје позориште“, поставена во режија на Тара Маниќ според истоимениот роман на писателката Милица Вучковиќ.