Вицепремиерот Александар Николоски очекува наскоро да почне карго-железничкиот сообраќај од Прилеп, преку Битола, и надвор од земјата. Тој најави и повторно оспособување на меѓуградскиот железнички превоз меѓу Прилеп и Битола, како и напредок на работите на автопатот Прилеп – Битола, особено кај железничките премини.
Николоски ова го изјави на денешното чествување на 11 Октомври во Прилеп. Тој рече дека подготовките за карго-превозот се во завршна фаза и дека со него ќе се транспортираат производи од мермер.
„Во финална фаза сме за почетокот на карго сообраќајот. Производите од мермер ќе одат преку карго сообраќајот, а на тој начин ќе го заштитиме и патничкиот сообраќај. За брзо време очекувам да стартуваме со карго-сообраќајот“, посочи Николоски.
Вицепремиерот очекува во наредниот период да почне да сообраќа и воз меѓу двата града. Тој објасни дека паралелно со изградбата на автопатот се работи и на премостување на железничката пруга.
„Во однос на поврзувањето на Битола со Прилеп со воз, а тоа е нешто што јас го ветив, таму паралелно се гради автопатот Прилеп – Битола и со изведувачот, конзорциумот „Бехтел и Енка“ имавме заедничка одлука да завршат целокупните активности кои се однесуваат на премостување на железничката пруга, а се однесуваат на неколку места, за кога ќе почне железничкиот сообраќај тој да не запира. И очекувам во следниот период да почнеме и со меѓуградски воз меѓу Прилеп и Битола“, изјави Николоски.
