Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да организира избори во Украина ако рускиот претседател Владимир Путин се согласи на целосно примирје во траење од 60 дена. Тој ова го кажа во емисијата „Оваа недела“ на американската телевизија Еј-Би-Си (ABC), одговарајќи на критиките од американскиот претседател Доналд Трамп.

„Кажете му на Путин да ни даде два месеца, 60 дена целосно примирје, 60 дена — и ние ќе организираме избори“, изјави Зеленски.

Трамп денеска соопшти дека Украина и Русија се согласиле на она што го нарече „енергетско примирје“. Според него, договорот стапува во сила веднаш, но не изнесе дополнителни детали за неговите услови.

Вчера Трамп го критикуваше Зеленски поради украинските напади врз руските нафтени рафинерии. Тоа се случи еден ден откако САД привремено ги укинаа санкциите за руските горива, кои првично беа воведени за да ѝ ги ограничат на Москва приходите за финансирање на војната во Украина.

„Мислам дека е време Украина да добие нов претседател“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

Зеленски одговори дека „на Украинците е да одлучат“ кој ќе ја води земјата и додаде дека и Путин би сакал да го смени украинското раководство. Тој оцени дека е лесно Украина да се обвинува за растот на цените на горивата „кога сите во светот разбираат дека цените растат поради војната на Блискиот Исток“.

Претходно денеска Зеленски порача дека Украина е подготвена да ги запре нападите врз руските нафтени рафинерии, доколку Москва ги прекине нападите врз украинската енергетска инфраструктура.