Околу десетина пораки пристигнале на новата електронска адреса на Министерството за образование кои се однесуваат на врсничко насилство. Во соопштението е наведено дека дел од пораките се однесувале и на проблеми со поранешни професори и сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст, објави Радио Слободна Европа.
„Секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки“, соопштија од МОН.
Министерството за образование и наука ќе и предложи на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина.
Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина.
Причина за тоа се случувањата во соседна Србија со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, информираше вчера Министерот за образование Јетон Шаќири.
Во средата 13-годишен ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби осум ученици и еден работник од обезбедувањето во тоа училиште, а повреди уште шест ученици и еден наставник.
Во селата кај Младеновац, 21-годишен маж во петокот уби осум лица, а повреди 14. Во меѓувреме денеска во Белград е приведена малолетничка која на ТикТок објавила видео во кое се потсмева со жртвите од основното училиште „ Владислав Рибникар“ во Врачар.