Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја информираше јавноста дека е приведено уште едно лице за убиството со девет убоди со нож на матичниот лекар Ацо Трпковски.

– Согласно моите информации, приведено е уште едно лице и сега се три. Претресот е завршен во доцните вечерни часови. Се продолжува со други истражни дејствија за да се утврди фактичката состојба. Штом има други информации,ќе ја информирам јавноста, рече Тошковски при посетата во Струмица.

Синоќа Тошковски во емисија кажа дека мотивите за убиството на докторот не биле поврзани со неговата професија.

Свирепото убиство на Трпковски ја потресе скопската населба Железара, во која скоро и да немало човек кој не го познавал. Тој со убодни рани бил пронајден во својот паркиран автомобил „Киа“ пред поликлиниката, доцна во ноќта од неговите двајца синови, кои почнале да го бараат, откако неколку часа го немало да се врати од работа.