Депонијата „Вардариште“ не ја создаде оваа Влада во изминатите 15 месеци. Тоа е создавано 35 години, а може и повеќе, ама ние ќе го решиме. Ќе ја средиме и депонијата „Дрисла“, ќе ја спакуваме и ќе личи на модерна европска депонија со фабрика, која ќе произведува енергија и ќе го произведува, складира и рециклира отпадот. Тоа го вети денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Гази Баба, каде изврши увид во градежни активности на неколку проекти.
Тоа, нагласи, ќе биде јавно приватно партнерство, со јавен тендер и јасни критериуми.
– И еве уште од сега ви кажувам, повторно ќе има некои невладини, кои што ќе бидат против. Но мора да се издржи. Во животот не можат идеални работи мора да се борите. Борете се за она во што верувате. Јас верувам дека е ова исправно и ќе се борам, рече Мицкоски.
Оваа Влада, подвлече премиерот, за првпат ги уапси оние кои нелегално топат кабли во „Вардариште“ за да извадат бакар за да го продаваат. Очекува надминување на проблемот со палењето на депониите по денешниот кординативен состанок.
-Не постои ад хок решение. Метанот кој што зрачи се пали со еден отпушок. Не треба многу да си креативен или диверзант, само со еден отпушок се пали и тоа ни го прават секој ден, рече Мицкоски осврнувајќи се на проблемот со кој деновиве се соочуваат скопјани.
Според него, не биле алармантни параметрите на штетни честитчки кои би го загрозиле здравјето на граѓаните.
– Нема зголемени такви параметри кои што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но лошо е тоа да се прави. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето на кој му одговара да се случува сега? Кога ќе дадете одговор на ова прашање ќе ви стане јасно кој и зошто тоа го прави, рече Мицкоски.
Тој забележа дека при секој обид за решавање на проблемот со депониите и изградба на регионални центри за складирање и преработка на отпадот се појавувале невладини организации и политичари кои реагирале зошто баш кај нив да се гради таков капацитет.
– Сите велиме не сакаме отпад, но отпад создаваме. Тој отпад треба негде да се одлага. Таму каде што треба да се одлага прво имаме невладини кои коментираат зошто баш кај нас да се одлага. Имаме политичари кои што мислат дека на дневна основа ќе добијат некој политички поен па ќе напаѓаат зошто баш кај нас да се одлага. Имаме трета група луѓе кои се што ќе направи Владата велат нечини, а тоа е во суштина работа која е наследена од минатото, истакна Мицкоски.
Како пример го посочи проектот за изградба на фабрика за отпад во близина на Свети Николе, одлука донесена пред повеќе од една деценија.
-Парите се обезбедени и ги обезбедува Европската комисија со квалитет и услови како во Европа. Или попрецизно како што е депонијата во центарот на Виена, таква ќе биде и оваа. Повторно имаше некој кој имаше против. Иста таква депонија е предвидена во Југозападниот регион во Новаци, во стариот коп на РЕК Битола, повторно имавме структура на луѓе кои велеа не ова нечини. Имаме една таква во Гостивар за Полошкот регион. Кога би се формирале овие легални депонии со фабрики за отпад, кои може да користат и за производство на електрична енергија, ние нема да имаме отпад, нагласи премиерот.
И градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски очекува надминување на проблемот со палењето на депониите „Вардариште“ и „Дрисла“ по координацијата на повеќе институции и прогласувањето кризна состојба во државата од пожарите.
Во однос на загадувањето во општина Гази Баба од комуналниот отпад, тој посочи дека тоа е во надлежност на Град Скопје и јавното претпријатие „Комунална хигиена“, но оти Општината и општинското јавно комунално претпријатие со сопствени ресурси ги собирата депониите околу контејнерите.
– Граѓаните во Општина Гази Баба се сведоци, немаме механизација за подигање на сметот од контејнерите, но имаме Јавно комунално претпријатие кое што се грижи за комуналната хигиена низ населбите. Нашите ресурси ги користиме за депониите што се создаваат околу контејнерите. ЈКП на Гази Баба го врши тоа што не ни во надлежност но да излеземе во интерес на граѓаните, рече Стефковски.
Посочи дека во неколку наврати писмено реагирале до Градот Скопје, Комунална хигиена и до Управниот одбор на Комунална хигиена, но недобиле официјален одговор освен паушални изјави дека немаат механизација и расипана механизација.
– Граѓаните добро знаат на кого плаќаат одреден надомест да ја сервисираат таа нивна услуга, но за жал неколку месеци Скопје ни се дави во смет. Скопје се претвори во една голема депонија. Сметам дека тоа е еден несериозен пристап кон граѓаните, бидејќи граѓаните си сервисираат финансиски средства за таа услуга. Се надевам наскоро од денес ќе имаме нов менаџмент во Градот Скопје, кој системски ќе се зафати да ги реши сите оние горливи проблеми кои што ги чуствуваат скопјани изминатите неколку години, рече Стефковски.