Од тогаш поминаа повеќе од две недели, а се уште не се најдени двајца педијатри. Детскиот оддел функционира само како обична амбуланта, со работно време од 8 до 20 часот, со двајца педијатри, од кои еден после Нова Година ќе замине во пензија. Доктор Зеќир вели дека работеле на екипирање на одделението за да почнат со нормална работа.

-За минимално функционирање на една 24 часовна служба потребни се минимум пет доктори. А, некој оптимум е шест до седум доктори. Се ова што и понатаму ќе се прави во наредните години ќе биде едно прикрпување, вели д-р Зеќир.

Алсат и денеска праша во Министерството за здравство кога охриѓани може да очекуваат педијатри и од каде ќе ги донесат, но одговор не добивме. Но проблемот лежи и во недостаток на специјализанти.

-Ние имаме две специјализантки, кои во најдобар случај ќе дојдат за четири до пет години. И пак две, што се две. Наназад 15 години минимум, овде не е пуштен специјализант за педијатрија, иако во многу наврати ние баравме да биде пуштен. И до сега требаше да бидат готови. Едноставно немаше разбирање, додава д-р Зеќир.

Во Охрид пред пензија се и 80% од матичните педијатри.

-Со напори остануваме да работиме и да помогнеме. Ова беше предвидено дека ќе дојде до ваква ситуација. Направивме анализа и тоа им го предочивме на структурите уште пред 10 години, но никој не презеде сериозни мерки за тоа да се поправи, рече Никола Филев-матичен педијатар.

За хоспитализација, прегледи за време на викенди и во ноќните часови, најмладите жители на Охрид се принудени да одат за Струга. Сето ова се случува во период кога се зголемува бројот на деца кои заболуваат од ковид 19.

И во Струга од шест педијатри, тројца се пред пензија.