Денеска ќе излезев и ќе поздравев да имавме точка на дневен ред доколку имаше некоја инвестициска програма со која ќе се направеше подземен тунел, наместо седница, да имавме голем кружен тек кај Мавровска, таму каде што сега никнува одново дивоградба, да се сечеше лента на новиот Луна парк или пак да се направеше Универзална сала. Напротив денес одлучуваме за личен хир, за едно итроманство, за едно политизирано крајно непотребно и би рекол идентитетско обезличување на градот, вели советникот во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Луке Галески.
Галески нагласи дека ваквите предлози за имиња не се на граѓаните, туку се предлози и желби на неколкумина надополнети со коалициска поделба во очи на локалните избори, укажувајќи на тоа дека овие промени на имиња значат и фискални импликации односно нов товар за компаниите кои се наоѓаат токму на овие улици.
Не велам дека нема и добри предлози за имиња на улиците, но процесот освен што е дивоградба, едностран и насилен, тој е на последното место на приоритетите на Скопје. Кога не се знае каков печат да се остави се прави едностран чин,а фингираната јавна расправа донесе фингирани предлози. Овие предлози не се на граѓаните, туку последица на личните желби на неколкумина надополнети со коалициска поделба во очи на локалните избори. Нормално тоа носи предлози на имиња кој никој не ги знае освен тие што ги предложиле, предлози кои се партиски политички печат, но не и желба на скопјани. Таква париска страст за себе промоција носи и правна дивоградба. Каде се одлуките на општините за одобрување на овие предлози? Не видовме такви, зошто такви нема, а согласно законот треба да има. Каде е квалитетната јавна дебата? Нели ќе беше подобро да организирате фокус групи од градски авторитети кои ќе дадат оценка и предлози за имиња, да го вклучите Институтот за историја што беше наше барање, да ги вклучите општините и советите на општините да дадат предлози. Наместо ова скопјани добија можност да праќаат пополнети прашалници, да добијат една полутајна постапка чии нов производ го гледаме денес. На крајот ова ќе донесе и фискални импликации, со други зборови нов арач, нов товар за компаниите кои се наоѓаат на овие улици. Нова давачка која доаѓа во ова тешко време на здравствена и економска криза, рече Галески.
Галески побара ваквиот предлог да биде повлечен и да се носат разумни одлуки, додавајќи дека согласно Законот за именување на улици, плоштади и други инфраструктурни објекти не смее да се вршат промени на улици шест месеци пред одржување на претседателски, парламентарни и локални избори или една година пред планиран попис на население.
Вашите меланхолични симболики во кои ќе останете само задоволени од тоа што сте смениле неколку имиња од историјата со кои ние како ВМРО се идентификуваме, само отворате Пандорина кутија за да утре некој иден градоначалник го прави тоа што вие го правете денес, зошто знаете дека со каква мера судите, со таква мера ќе ви биде судено, какви одлуки носите денес, такви одлуки ќе ви биде вратено утре.
Би го цитирал членот 8 во кој што стои: име на улици, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да се промени на начин во постапка за нивно определување. Промена од ставот 1 од овој член не може да се врши шест месеци пред одржување на редовни претседателски, парламентарни и локални избори и една година пред планиран попис на население. Пописот формално правно почнува за два дена на први април, де факто може да почне во септември, но секако не се почитува рокот од една година како што се бара согласно законот. Значи оваа одлука која што денеска се гласа е противправна. Разумно, политички би било сега да го повлечете предлогот и да бидете политички мудри, да вклучите многу повеќе јавност и да го одберете најдоброто, самите жители да одлучат за имиња на своите улици каде што живеат и така да се носат одлуки. Тоа би била разумна политика, заврши Галески.