Продаваат запленети цигари или уништуваат? Да се наполни државната каса или да се држи до меѓународната практика? Дали проценетиот приход од продажба е доволна причина за примедби од европските партнери?
Ова се прашањата што ја мачат црногорската Влада откако полицајците и цариниците во три операции од мај до јуни годинава во пристаништето Бар конфискуваа 150 илјади кутии цигари чија вредност се проценува на десетици милиони евра, пишува Радио Слободна Европа.Црна Гора би имала значителен финансиски бенефит од продажбата на запленетите цигари од пристаништето Бар, но Владата нема да направи ништо што потенцијално може да го загрози нејзиниот меѓународен углед, изјави министерот за финансии Александар Дамјановиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Подготовките за продажба може да „паднат во вода“
Но, Министерството за финансии подготви предлог за посебен закон со кој ќе се овозможи практична продажба на тутунските производи запленети во слободната зона Бар-пристаниште.
Премиерот Дритан Абазовиќ ја поддржа идејата за продажба на запленети цигари.
„Ако се 10, 20, 30 милиони, мислам дека би било спектакуларно, треба да знаеме дека еден Клинички центар чини толку. Затоа, тоа навистина би и помогнало на нашата економија и треба да го направиме тоа“, рече Абазовиќ на 4 јули.
Предлогот на Министерството за финансии сега чека на зелено светло од Владата, за во понатамошната процедура да стигне до Собранието, каде што пратениците ќе го кажат своето мислење за него. Сè уште не се познати роковите до кои Владата треба да го усвои тој предлог и да го испрати до Собранието.
Министерот Дамјановиќ вели дека доколку се усвои законот, државата може да смета на приход од 15 до 20 милиони евра. Наскоро за ова ќе започнат разговори со европските партнери, вели Дамјановиќ.
„Ќе видиме каква ќе биде судбината на тој закон и каква ќе биде комуникацијата со нашите меѓународни партнери, затоа што не сакаме да правиме ништо спротивно на ниту една конвенција или било кое правило и процедура поврзано со постапување со запленети цигари“, рече министерот.
Од Акцијата за социјална правда, пак, оценуваат дека донесувањето на законот може да доведе до проблеми во преговорите со Европската Унија, но и тужби од компании на кои државата им ги одзела цигарите во повеќе акции.
Дали Владата ќе ги прекрши меѓународните протоколи со продажба на цигари?
Министерот за надворешни работи Ранко Кривокапиќ на седницата на Владата на 22 јули потсети дека Црна Гора е потписник на протоколот на Светската здравствена организација (СЗО) за управување со запленетите тутунски производи, кој предвидува уништување на запленетиот тутун и опрема за нејзино производство.
„Мислам дека нашиот простор е ограничен овде. Знам дека тоа е сума што може да се искористи за многу добри работи во Црна Гора, но мислам дека немаме простор за маневрирање“, рече тој.
На 4 јули годинава, амбасадорката на Велика Британија во Црна Гора, Карен Медокс, изјави дека цигарите треба да се уништуваат во согласност со меѓународните протоколи и прописи:
„Меѓународната практика предвидува уништување на конфискуваната стока во согласност со меѓународните протоколи, а тоа е уништување на стоката поради прашањата за нивниот квалитет, здравствените стандарди и правата на интелектуална сопственост.
Медокс на крајот на март изјави дека повеќе од две милијарди цигари се шверцуваат преку пристаништето во Бар секоја година и стигнуваат до пазарите во Европа, а дека шверцот на цигари ја чини економијата на Западен Балкан повеќе од 300 милиони евра изгубени приходи годишно.
Државата ризикува и преговори и тужби
Се поставува прашањето дали намерата на Владата да ги продаде запленетите цигари може да го загрози преговарачкиот процес за членство во Европската унија (ЕУ).мИнес Мрдовиќ од Акцијата за социјална правда за РСЕ изјави дека со усвојувањето на lex specialis за конфискуваните цигари, Црна Гора ќе ги искомплицира преговорите со ЕУ. Таа посочува дека во светот нема регистриран случај земја да продава запленети цигари:
„Кога клучните европски амбасадори ќе ви кажат да ја уништите одземената стока, а вие ја игнорирате и во исто време и нудите мамка на домашната јавност со приказната дека со тие пари може да се изгради ова или она, тогаш наидувате на сериозни долгорочни проблеми за можни краткорочни придобивки“.
Мрдовиќ оценува дека има многу непознати со планот на државата да продава запленети цигари:
„Не знаеме што пишува во тој предлог закон, ниту дали тие цигари се легални или не, што нè става во можен ризик еден ден субјектите кои ги поседуваа тие цигари да ја тужат државата и да побараат отштета од милион долари.
Сепак, некои детали се познати.
Според предлогот на Владата, државата најпрво би им понудила на поранешните сопственици на цигарите да ги вратат по цена од 0,30 евра за кутија. Доколку не поднесат барање за преземање на цигарите, државата ќе спроведе јавна продажба на тие производи во согласност со прописите со кои се уредува продажбата на одземената стока.
Пристаништето Бар е главен центар за шверц на цигари
Дека пристаништето Бар, како единствено комерцијално пристаниште на црногорското крајбрежје, е главен центар за шверц на цигари од 1990-тите, го констатира и извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал од јули годинава.
Како што се наведува, во текот на 90-тите години, со одобрение на тогашната влада, шверцот со цигари претставувал околу 60 отсто од бруто домашниот производ на Црна Гора.
Глобалната иницијатива е независна невладина организација со седиште во Женева, која истражува организирани криминални групи и креира стратегии за борба против организираниот криминал.
Во нивниот извештај „Пукнатини во пристаништето: Истражување на поморските балкански рути“ се наведува дека пристаништето во Бар останува регионален и транзитен центар за шверц на цигари, и за влез и за излез.
Тие проценуваат дека само во 2017 година на пазарите надвор од Црна Гора биле прошверцувани една милијарда нелегални цигари.
Нема казни за шверцерите
Глобалната иницијатива наведува дека и покрај некои дејствија кои оставаат впечаток дека шверцот со цигари е голем бизнис во Црна Гора, имало многу малку гонење.
„Една теорија е дека тоа е затоа што одредени криминални мрежи уживаат политичка заштита, па дури и дека има дослух меѓу криминални групи и државни актери, како што беше случај во минатото“, се вели во извештајот.
Се спомнуваат и два спротивставени клана од бизнисот со цигари. Мојковац и кланот „Гранд“ често се споменуваат како блиски до клучните актери во политиката и безбедносните служби, се вели во извештајот.
„Овие кланови, наводно, користат пари од шверцот на цигари за да вршат легални деловни активности. Кој го води бизнисот го прави тоа дискретно и сака да го задржи на тој начин. Луѓето кои истражуваат или зборуваат за шверцот со цигари често се подложени на заплашување и напади“, стои во извештајот.
Во 2021 година, канцеларијата за борба против измами на ЕУ испрати 17 барања до црногорските власти во кои се распрашуваше за сомнителни компании во Бар кои се поврзани со шверц на цигари.
Во 2018 година и повторно во 2021 година, Европската комисија изрази загриженост дека пристаништето Бар „е платформа за шверц на фалсификувани цигари во Европската унија (ЕУ) заедно со легално произведените“.