Времетраењето на сертификатите за вакцинација и прележан Ковид-19 во Грција што сега е седум, односно три месеци, од утре се продолжува на девет односно шест месеци, согласно новата министерска одлука, поврзана со мерките во внатрешноста на земјата, што веќе е објавена во Службен весник, а утре стапува во сила, јави дописничката на МИА од Атина.

Промената ја најави во петокот министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, кој објасни дека од Европската Комисија им препорачала на земјите членките на Унијата да ги усогласат сертификатите со европските правила и да важат девет месеци по вакцинацијата и шест месеци по прележан Ковид-19.

Согласно министерската одлука, што ја пренесува МИА, „возрасните лица кои се вакцинирани и поминале најмалку девет месеци од втората доза, се сметаат за целосно вакцинирани само доколку примиле дополнителна доза“.

Претходно, невакцинирани се сметаа седум месеци по втората доза, во случај да не е примена трета, со што и престануваше да биде валиден и сертификатот за вакцинација.

За оние кои примиле доплнителна доза нема никакви ограничувања.

За сертификатот за прележан Ковид-19, се издава 14 дена по позитивен резултат од направен ПЦР тест или рапид тест за вакцинираните, а „важноста е до 180 дена по првиот позитивен тест“.

Со ова, времетраењето се зголемува на шест од три месеци.

Овие промени, се однесуваат и на туристите, со оглед на тоа дека мерките што важат во внатрешноста на Грција, важат и за туристите, а досега како што неколкупати има објавено МИА, сертификатите имаа различно времетраење кога се работеше за патување и влез во Грција, а различно, односно помало времетраење во внатрешноста на земјата

Сега, со промените, и двата сертификати се усогласуваат со европските правила.

Документот поврзан со Ковид-19, речиси секаде во Грција, при влез во објектите, се скенира со специјална апликација, а потребен е и документ за личен идентификација, а исклучок на супермаркетите, аптеките, продавниците за храна,бензинските пумпи.

Во одредени објекти, како што се затворените простори на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови, музеите и археолошките локалитети, театрите, кината, влезот е дозволен само со валиден сертификат за вакцинација или прележана болест и не постои опцијата за влез со негативен тест.