Нова размена на оган меѓу Израел и Хезболах. Тел Авив одговори и објави дека е во состојба на готовност поради нападите од територијата на јужен Либан.

Израелската армија почна копнена операција против Хамас во предградието на Кан Јунис. Палестинските медиуми објавија воздушни и артилериски напади низ енклавата.

„Елиминиравме илјадници терористи. Силно ја оштетивме командната и контролната способност за лансирање на Хамас. Ја стабилизиравме одбраната. Ќе продолжиме да се грижиме за подземната инфраструктура. Почнавме силно – и сега треба да го зголемиме и да продолжиме. Следните чекори во борбата исто така ќе бидат моќни, длабоки и изненадувачки. Кампањата ќе продолжи и ќе се проширува по потреба, на дополнителни центри и дополнителни фронтови“, изјави Бени Ганц, министер во воениот кабинет на Израел.

„Нашите сили се борат на централни локации во Газа, каде што се наоѓаме на третиот ден од нападот. Ликвидиравме многу терористи и уништивме терористичка инфраструктура. Војуваме и во Кан Јунис, голем терористички центар на Хамас, каде што ја проширивме операцијата. Додадовме уште една дивизија на оваа област и продолжуваме да дејствуваме користејќи нови методи на борба над земја и под неа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.

Портпаролот на иранската Револуционерна гарда тврди дека смртоносниот напад од Хамас во јужен Израел на 7-ми октомври е одмазда за убиство на генерал од иранските сили, Кудс.

„Синовите на Палестина од фронтот на отпорот и ценетите палестински стратези е еден од актите на одмазда на синовите на фронтот на отпорот на Американците и ционистите за атентатот на маченикот Касем Сулејмани“, изјави Генерал Рамезан Шариф, портпарол на Корпусот на гардата на Исламската револуција на Иран.

Итен прекин на огнот во Појасот Газа, побарал францускиот претседател Макрон во телефонскиот разговор со премиерот Нетанјаху. СЗО го повтори повикот до меѓународната заедница, да преземе итни чекори за ублажување на сериозната опасност со која се соочува народот во енклавата. Бројот на загинати Палестинци во израелските воздушни напади надмина 21.000, соопшти Министерството за здравство во Газа.

Извор: МРТ