Од грчката крајбрежна служба попладнево соопштија дека продолжуваат со спасувачка акција што почна доцна синоќа и вклучени се еден брод, три патролни бродови на крајбрежната служба, осум бродови што се во близина и три приватни, хеликоптер и фрегата од воената морнарица и еден хеликоптер Супер пума.

Спасените 12 лица, 11 мажи и една жена, биле во мал помошен чамец, а само двајца имале спасувачки елеци и сите биле префрлени во болницата на островот Санторини.

Дел од спасените првично рекле дека во чамецот со кој се превезувале имало околу 30 лица, но подоцна, еден од спасените изјавил дека биле околу 50 луѓе.

Грчката крајбрежна служба синоќа била известена дека чамецот е во лоша позиција поради проблем со моторот, а потоа почнал да се полни со вода.

Според грчките медиуми, чамецот со бегалци и мигранти тргнал од турското крајбрежје, а крајната дестинација била Италија.