Во Зборникот се објавени препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови на Конески остварени од странски македонисти – слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Зимската школа, со што делови од творештвото на Конески коишто претходно не беа преведени на сите овие јазици, сега се објавуваат на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик.

– Ова е прв зборник на МСМЈЛК во којшто се објавуваат во толкав обем и на толку јазици препеви и преводи од творештвото на Конески остварени во текот на програмските активности на МСМЈЛК. Истовремено, во Зборникот се објавени и текстови со сеќавања за Конески од странски македонисти – академиците Зузана Топољинска, Иван Доровски, Виктор Фридман и Горан Калоѓера, соопшти МСМЈЛК.

Првата зимска школа на МСМЈЛК имаше 50-ина учесници од 15 земји. Беше организирана во рамките на Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски.