Ретка минофрлачка граната безбедно отстранета
Неексплодирана минофрлачка граната од Првата светска војна е пронајдена во индустрискиот дел на општина Богданци, потврдија од надлежните институции.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека гранатата е со калибар од 70 милиметри и припаѓа на периодот на Првата светска војна. Случајот бил пријавен денеска околу пладне преку СВР Гевгелија.
„Денеска, кон пладне е пријавено од СВР Гевгелија дека во Општина Богданци од индустрискиот дел на Општината е пронајдено неексплодирано убојно средство (НУС). Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) стручно лице, пиротехничарот Зоран Пеев, веднаш излегол на лице место и утврдил дека се работи за ретка минофрлачка граната од 70 mm што е НУС од Прва Светска Војна“, стои во информацијата од ДЗС.
Гранатата била безбедно подигната од местото каде што била пронајдена и е транспортирана за понатамошна постапка и уништување, согласно безбедносните протоколи. Надлежните апелираат граѓаните при наоѓање сомнителни предмети веднаш да ги известат институциите и да не ги допираат.
