Бројката на вакцинирани здравствени работници сега за сега изнесува околу 5.300. Процесот на вакцинација на здравствени работници оди доста побавно од очекуваното. И додека здравствените лица молат за вакцини за да се заштитат од КОВИД – 19 за да може да лекуваат граѓани, министерот за здравство Венко Филипче по интервјуа се фали дека сите здравствени работници кои се во првата линија со справување со коронавирусот се вакцинирани.

Ние пред неколку недели ја добивме првата количина на вакцини со трипартитен договор помеѓу нас, Србија и компанија „Фајзер“ стигнаа 8.000 вакцини за кои направивме еден сосема солиден план, а тоа е да се покријат буквално сите здравствени работници кои се на првата линија и имаат најголем ризик да бидат заболени од КОВИД- 19. Во нашата земја на крајот од викендов ќе имаме околу 4000 вакцинирани здравствени работници, а од 11 март започнува и ревакцинацијата на здравствените работници кои ја примија првата доза на вакцината, рече министерот за здравство Венко Филипче во интервју за МРТВ.

Според Фондот, има околу 20.000 вработени здравствени работници од кои околу 2.000 си имаат заминато во странство, а во Македонија има останато околу 17-18.000. Со темпото со кое оди министерот за здравство Венко Филипче тешко дека за бргу ќе се вакцинираат сите здравствени работници.

Здравствените работници коментираат дека со првите вакцини кои стигнаа од „Фајзер“, односно донацијата од Србија, освен нивните колегите од КОВИД центри, се вакцинираа и колегите од Итната медицинска помош и тоа е сосем разбирливо бидејќи секојдневно трансферираат болни до здравствените болнички установи.

Но, парадоксално е тоа што дел од здравствените работници вакцинираат здрави луѓе, а секојдневно се изложени на ризик од заразата, па голема е веројатноста да се соочат со проблем да нема кој да вакцинира понатаму. Дури и вакцини против КОВИД – 19 нема ниту за лицата кои ги тестираат граѓаните што имаат симптоми на КОВИД-19.

За ова реагира и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дека министерот за здравство не може да ги заштити ниту здравствените работници од КОВИД-19 за да можат да лекуваат граѓани, а не пак да го вакцинираат целото население во Македонија.

Пропусти има во континуитет. Првиот бран на корона помина без лична заштитна опрема, вториот без медикаменти, болнички места, третиот бран минува без вакцини, рече претседателот на Комисија за здравство при ВМРО-ДПМНЕ, Игор Николов при своето гостување во Дневникот на Сител.

Доктор Николов посочи дека во ваква ситуација во која здравствениот систем не е подготвен по повеќе од една година од корона во Македонија, Филипче мора да поднесе оставка.

Министерот Филипче треба да си даде оставка. Нема справување со последиците на корона. Доблесно е да си поднесе оставка, особено по ова денес што го видовме и слушнавме. Замислете се преговарало се контактирало за набавка на вакцини, а очигледно целта била лични бенефити. Се надевам ќе се испита оваа работа и ќе има резултати од сево ова, кажа Николов.