Проширена истрага за пожарот во „Пулс“ – 11 обвинители ќе ја водат постапката
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски утрово одлучи истражниот тим за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани да се прошири на 11 обвинители. Причина за ова е обемноста на случајот, кој вклучува распит на над 300 сведоци и бројни вештачења.
Ефикасна и темелна истрага
Според Обвинителството, истрагата ќе биде насочена кон детално испитување на секој можен аспект и правец на одговорност. Денеска, обвинителите во Кочани преземаат активности за прибирање докази, додека тимот работи на утврдување на сите релевантни околности околу трагедијата.
Мицкоски: Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме
- „Сите ние сме незадоволни, и тука не треба да имаме дилема, работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме. Многу работи се решија од оваа Влада и за многу работи оваа влада беше браник. Тоа е проблем за политичките глодари кои гледаат шанса за некој поен преку овие протести“ – вели премиерот Христијан Мицкоски.
Се разгледува акционен план за прогласување мораториум со кој ќе бидат разгледувани лиценци и дозволи.
Меѓудругото, премиерот изјави дека ја разбира потребата од протестите што се одржуваат по трагедијата во Кочани, но истовремено посочи дека зад нив стојат политички мотиви.
Мицкоски: Ги разбирам протестите, но позадината ја кријат „политички глодари“
Притвор за 24 лица, меѓу нив и тројца градоначалници
Основниот суд Кочани донесе одлука за 30-дневен притвор за 24 лица опфатени со истрагата, меѓу кои се и актуелниот градоначалник во оставка Љупчо Папазов, како и поранешните градоначалници Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Обвинени вкупно 34 лица
Вкупниот број на осомничени во истрагата достигна 34 физички лица. Обвинителството покрена постапка и против три правни лица, како и против седум полициски службеници од СВР Штип и полициската станица Кочани.
Истрагата продолжува, а јавноста очекува одговорност за трагедијата во која животот го загубија 59 лица, меѓу кои шест малолетници.