Актуелната геополитичка состојба наметнува итна потреба од градење сè поблиски врски меѓу Европската Унија и државите од Западен Балкан. Оваа порака ја упати претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за време на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во пресрет на лидерската средба ЕУ – Западен Балкан на која учествуваат регионалните претставници, со исклучок на Србија.

„Повторно ја потврдивме европската иднина на земјите од Западен Балкан“, истакна Кошта.

Кошта наведе дека неговата клучна порака до сите регионални партнери била посветено да напредуваат со сите неопходни реформски процеси за полноправно пристапување кон европското семејство.

„Очекувам напредок во решавањето на билатералните спорови. Предизвиците поврзани со минатото мора да бидат надминати“, изјави Кошта.

Тој подвлече дека земјите од Западен Балкан ќе постигнат вистински и одржлив напредок единствено доколку гледаат кон заедничката иднина наместо кон минатото, потсетувајќи дека самата Европска Унија почива врз цврстите темели на историското помирување.

„Убедена сум дека проширувањето е стратешка неопходност за ЕУ“, изјави Фон дер Лајен.

Фон дер Лајен додаде дека динамиката на глобалните промени наметнува поголемо европско единство за успешно справување со сите предизвици. Според претседателката на Европската комисија, следната година Унијата индивидуално со секоја од шесте земји од Западен Балкан ќе ги прецизира следните конкретни чекори за нивна постепена интеграција во единствениот европски пазар.