Студенти од Албанија најавија протест во Тирана во поддршка на студентите Албанци од Македонија кои бараат правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик.

Според дел од медиумите во Тирана, протестот е закажан за 26 мај во 17 часот на централниот плоштад „Скендербег“.

Барањето не е ново

Барањето на студентите по право од неколку универзитети во Македонија завршните испити да се одржуваат на албански јазик трае подолг период. Досега, нивното барање не добило позитивен одговор од Министерството за правда.

По првиот протест што се одржа на 6 април, властите најавија дека ќе бараат решение за проблемот, но студентите повторно излегоа на протест и на 18 мај во Скопје.

Владата најавува решение

Од Владата информираат дека решението со кое треба да се надминат причините за протестите ќе биде испратено до Венецијанска комисија.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на критиките од ДУИ, изјави дека актуелната власт се обидува да реши проблем кој, како што рече, бил наследен од претходните власти кои две децении не нашле решение.