Илјадници луѓе излегоа на протести под мотото „Без кралеви“ низ Соединетите Американски Држави и во повеќе европски градови, изразувајќи незадоволство од политиките на претседателот Доналд Трамп. Во дел од градовите имаше судири, интервенции на полицијата и апсења.

Организаторите од движењето „Неразделно“ најавија повеќе од 3.200 настани во сите 50 американски држави, што претставува трета голема мобилизација откако протестите започнаа минатата година.

Големи собири се одржаа во Њујорк, Вашингтон, Лос Анџелес, Чикаго, Филаделфија и Сент Пол. Во Њујорк, десетици илјади демонстранти маршираа низ Менхетен, додека на собирот во Минесота говореа Берни Сандерс и гувернерот Тим Волц, а настапи и музичарот Брус Спрингстин.

Актерот Роберт Де Ниро, кој учествуваше во организацијата на протестот во Њујорк, изјави дека „ниеден претседател пред Трамп не претставувал таква закана за слободите и безбедноста“.

Демонстрантите носеа транспаренти со пораки „Спротивставете се на тиранијата“, „Нема кралеви од 1776 година“ и изразуваа незадоволство од имиграциските политики, војната со Иран и економските политики.

Протести се одржаа и во европски градови, меѓу кои Париз, Рим, Лондон, Берлин, Мадрид и Амстердам. Во Париз, демонстрантите се собраа на Плоштадот Бастилја, додека во Рим илјадници маршираа со транспаренти насочени и кон италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Во некои градови имаше и инциденти. Во Далас беа пријавени судири меѓу демонстранти и контрапротестанти, што резултирало со апсења. Во Лос Анџелес, полицијата употреби солзавец и приведе лица откако биле фрлани предмети кон федерални објекти.

Организаторите велат дека движењето е водено од граѓани загрижени за демократијата, додека Националниот републикански конгресен комитет ги оцени протестите како „митинзи на омраза кон Америка“.

Според последните анкети, рејтингот на Трамп изнесува околу 36%, во пресрет на среднорочните избори во ноември.