И покрај повиците од Владата за дијалог, синдикалците од УПОЗ денеска повторно излегоа на улица. Протестот беше организиран пред Државниот завод за статистика, каде повторно беа истакнати барањата за зголемување на платите за 30 проценти и усогласување на колективните договори.

УПОЗ: Протест, а не штрајк

Според Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ, овој протест не треба да се меша со штрајк. „Штрајкот подразбира неизвршување на работни задачи. Ако вработените во Заводот за статистика не ја извршат својата клучна задача, пресметката и објавата на просечната плата, ќе се доведе во прашање функционирањето на многу институции, а последиците ќе ги почувствуваат граѓаните,“ нагласи Деаноски.

Владата повикува на дијалог, синдикатите на улица

Од Владата постојано упатуваат повици за решавање на проблемите преку конструктивен дијалог. Иако признаваат дека прашањето за зголемување на платите е предизвик, нагласуваат дека упорните протести оставаат сомнеж дека постојат политички мотиви зад синдикалните акции.

Од УПОЗ, пак, тврдат дека веќе разговарале со ресорните министри, добиле поддршка, но проблемот е што во државниот буџет не се предвидени средства за нивните барања.

Нови протести и барања 

За утре е најавен протест пред Министерството за финансии. Во меѓувреме, Независниот синдикат на администрацијата ги достави своите забелешки за новиот Закон за администрација до Владата, со акцент на реформите поврзани со платите.

„Бараме платите да се пресметуваат врз основа на коефициентот на сложеност на работното место, што ќе ги одразува видот и одговорноста на задачите,“ изјави Горан Ристевски, претседател на независниот синдикат на администрацијата.

Претставници на синдикатите исто така побараа итна ревизија на застарените правилници за дежурства. „Еден пример е дежурството во Кривичниот суд, кое и денес изнесува само 300 денари,“ изјави Јасмина Величковска, претседател на синдикатот во судската служба.

Инспекциските служби очекуваат брзи решенија

Љуљзим Фаризи, потпретседател на независниот синдикат за труд, изјави дека вработените во инспекциските служби очекуваат одговор од Владата за подобрување на нивниот статус во најкраток можен рок.

Конструктивен дијалог на повидок?

И покрај протестите, синдикатите оценуваат дека разговорите со Владата биле конструктивни, со гаранции дека одредени решенија ќе се донесат наскоро. Како што најавуваат, наредните чекори ќе зависат од исходот на овие разговори и од решеноста на Владата да одговори на нивните барања.