Во Грција годинава животот го загубија 13 пожарникари, што претставува една од најтрагичните биланси во последниот период. Претседателот на грчкото здружение на пожарникари Константинос Папандонис со солзи во очите реагираше по најновата несреќа во атинска населба во која загинаа двајца негови колеги.

„Годинава имаме 13 загинати. Уште колкумина загинати треба да види Мицотакис за да сфати дека нешто не е во ред со нашето министерство?“, посочи Папандонис.

Папандонис упати сериозни обвинувања и критики за алармантната состојба во институцијата, посочувајќи дека проблемите биле редовно отворани на средби со премиерот. Тој потенцира дека личната заштитна опрема на теренските работници не е обновена веќе шест години.

„Оваа година е една од најлошите. Со Мицотакис се сретнавме 13 пати му кажавме дека Противпожарната служба се распаѓа, а тој гледа нашиот министер да се занимава со тоа дали некој офицер добил унапредување или со тоа како свечено да ги пушти во употреба противпожарните возила. Луѓето се бесни, немаме персонал, немаме возила, немаме униформи“, нагласи Папандонис.

За трагедијата во населбата Зефири во северозападниот дел на Атина, синдикалниот претседател појасни дека настраданите пожарникари останале заробени во подрумска просторија полна со смет која била целосно зафатена од огнените јазици, откако скалите по кои слегувале одеднаш попуштиле и паднале.

Просторот бил тесен и оневозможувал какво било брзо повлекување на екипите, со оглед на тоа што целиот објект бил во пламен. Огнот избувнал кусо по 11:30 часот, при што биле мобилизирани 20 противпожарникари со шест специјални возила. При уривањето на внатрешната конструкција тројца пожарникари останале блокирани, по што еден со повреди бил пренесен во болница, а беживотните тела на двајцата биле извлечени по спасувачката интервенција.