Посетата на претседателката на Индија, Друпади Мурму, е важен исчекор во проширувањето и зајакнувањето на билатералната соработка – напиша на „Фејсбук“ претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со индиската колешка во Вила Водно.
– Со огромна чест ја пречекав Друпади Мурму, прв претседател на Република Индија кој престојува во официјална посета на македонската држава. Разговаравме за македонско-индиските односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација. Заедничкото хумано наследство на света Мајка Тереза, како и искуството од Движењето на неврзаните, се цврсти темели на новата ера во македонско-индиските односи, -вели претсеадтелката Сиљановска-Давкова.
Според неа, македонската геостратешка положба, инфраструктурните коридори и лесниот пристап до европскиот пазар може да бидат од особен интерес за индиските инвеститори.
Соговорничките исто така размениле мислења за глобалните состојби укажувајќи на потребата од почитување на меѓународното право и мирното решавање на споровите.
Друпади Мурму оценила дека нејзината прва посета на државава е историски момент и изрази волја за нова динамика во сестраното партнерство меѓу двата народи.
Според двете претседатели, политичкиот дијалог и меѓуинституционалната соработка се претпоставки за продлабочувањето на севкупните односи.
