Ади Шоше, еден од највпечатливите вокали од помладата генерација и име што во последните години забрзано го освојува регионалниот музички простор, на 18 октомври за првпат доаѓа во Скопје со голем солистички концерт во Македонската филхармонија. Настапот доаѓа по серијата успеси во регионот, вклучувајќи шест распродадени концерти во загрепската сала „Лисински“ и големиот солистички концерт во белградскиот „Сава центар“.

Зад овој млад пејач со вонсериски талент стои плоден период во кој од поранешен член на бендот „Милиграм“ започна да гради успешна самостојна кариера. Неговите концертни настапи бележат сè поголем интерес кај публиката низ целиот регион. Потврда за неговата актуелност на регионалната сцена е и неодамнешниот заеднички дует со популарната Сенидах за песната „Чиста љубав“, која премиерно беше отпеана токму пред преполниот аудиториум во „Сава центар“ во Белград.

Идејата за соработката и создавањето на заедничката нумера се родила сосема спонтано, по случајна средба на двајцата изведувачи на еден аеродром. Од тој првичен заеднички контакт па сè до сцената на реномираниот белградски центар, нивната соработка прерасна во препознатлив проект кој претставува значаен дел од актуелната музичка кариера на изведувачот, а сега на ред доаѓа и скопската сцена.

За љубителите на неговата музика во Македонија ова ќе претставува единствена можност Шоше да го претстави својот концертен репертоар во живо, почнувајќи од познатите мелодии што веќе се омилени кај регионалната публика, па сè до најновиот музички материјал и актуелните дуетски проекти.

„Се гледаме на 18 октомври и тоа за прв пат во Скопје. Дојдете заедно да ја славиме љубовта. Ве сакам“, вели Шоше.

Билетите за концертот во Македонската филхармонија се веќе пуштени во официјална продажба преку продажната мрежа на електронскиот сервис на e-ticket.