Првата транша од 11 милиони евра,  обезбедени преку унгарскиот заем, ќе биде исплатена задутре. Ова го потврди министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Средствата ќе бидат префрлени од централниот буџет кон Развојната банка. Тоа ќе им овозможи на компаниите да ги користат за поддршка во развојни проекти.

Димитриеска-Кочоска истакна дека побарувачката за овие средства е неколку пати поголема од износот на кредитот. Заемот  е достапен за сите компании. Исклучок на оние што се занимаваат со производство на алкохолни пијалоци, тутун, коцкање и слични дејности.

Таа нагласи дека иако банките немаат директен увид во одлуките за проектите, ако има потреба, ќе можат повторно да ги разгледаат апликациите, земајќи предвид билансите на компаниите.

Министерката се осврна и на поддршката која се обезбедува за општините од средствата на заемот. Таа нагласи дека очекува одлична реализација на проектите, особено во изборната година кога градоначалниците ќе се трудат да ги забрзаат проектите.

Димитриеска-Кочоска во текот на денот беше во Будимпешта на Македонско-унгарскиот самит, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и други министри од Владата.