„Прво човек, потоа градоначалник“ е мотото под кое Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, ја претстави својата програма. Тој најави дека првата мерка по преземањето на функцијата ќе биде голема координирана акција за чистење на главниот град. Според него, за само три дена Скопје ќе биде ослободено од отпад и диви депонии.
„Состојбата во Скопје за мене е дополнителен мотив – од една ваква руинирана состојба треба во градот да направиме нешто со кое сите заедно ќе се гордееме. Имам сериозен тим, одлична советничка листа, имам експерти – домашни, и меѓународни, практично за секој од столбовите да може за многу кусо време да почне да се реализира. На Скопје му требаат темелни промени и јас сум спремен да дадам сè од себе, да не се штедам и до последен атом да се вложам – за мојот народ конечно да добие град и метропола каква што заслужува … Ова е работа во која не треба да се прават експерименти, видовме дека експериментите многу нè чинат. Како скопјани живееме во агонија подолг временски период, во проблеми кои не дозволуваат денеска јас да говорам за Лунапарк затоа што ние денес говориме за чистење на комуналниот отпад во градот, за минидепонии пред секое училиште и градинка … Најпрво да ги решиме проблемите кои со години го мачат народот, да создадеме основни хумани услови за живот кои прилегаат за 21 век, а подоцна ќе се фокусираме и на сите проекти коишто ќе значат претворање на Скопје во модерна европска престолнина“, изјави Ѓорѓиевски.
Покрај итните приоритети, Ѓорѓиевски ја презентираше и долгорочната програма „Визија за Скопје 2025–2045“. Таа се темели на седум столбови кои, според него, ќе бидат „основата на урбаната ера што ќе го претвори Скопје во европска метропола“. Се работи за: одржлив урбан развој, здрава животна средина, целосна комунална обнова, враќање на културниот идентитет, дигитална трансформација и паметни решенија, град на младите и науката и јакнење на јавната грижа и безбедноста.
„Визијата 2025-2045 не е само изборна програма, таа е патоказ за иднината, план што не се мери во мандати, туку со генерации. Визија што ќе остави стабилни темели и ќе создаде ново лице на градот што со гордост ќе му го предадеме на следните генерации. До 2045 ја гледам метрополата Скопје како град што дише прку своите зелени коридори, како град што се движи преку еколошки и интегрирани транспортни решенија, како град што живее преку јавни простори што повторно им припаѓаат на нашите граѓани. Ова не е само план за градба, ова е модел на ново живеење по мерка токму на вас, луѓето“, истакна Ѓорѓиевски.
Во рамките на програмата најави формирање меѓународен борд од светски експерти, соработка со универзитети во Торино, Солун и Љубљана, како и конкурси за домашни стручњаци кои ќе изработат 20-годишен план за развој на главниот град. Планот ќе интегрира урбанизам, мобилност, зелена инфраструктура, енергетска ефикасност, управување со ресурси, социјална инклузија и заштита на културното наследство.
Ѓорѓиевски најави и институционални промени: враќање на функцијата градски архитект, формирање совет за урбан развој и создавање јавно претпријатие „Урбан центар Скопје“ за изработка на планските документи. Секој јавен објект, нагласи, ќе се гради по пат на јавен конкурс – со фер конкуренција, квалитет и најдобри решенија за Скопје.
„Тоа што нуди програма-визија за следните 20 години не е затоа што проблемите не можат да се решат за еден мандат, туку затоа што долгорочноста дава извесност за перспективата на градот кој сега е во неизвесност и нефункционалност“, рече Ѓорѓиевски.
Тој потсети на своето искуство како градоначалник на Кисела Вода, каде што, според него, создал транспарентна и средена општина без поделби меѓу граѓаните. Вети рамномерен развој на главниот град, достапност за сите, како и отвореност за добри предлози од политички опоненти.