Прво опомени, па потоа казни

„Во дијалог со јавноста и со бизнис заедницата ќе одиме со мека примена на законот, што подразбира на почеток изрекување опомени, едукација и заедничка работа во насока на создавање јавни простори без чад“, изјави советникот Грбчевски.

Тој посочи дека дали законот ќе биде донесен до 1 март зависи од повеќе фактори, бидејќи во тек е институционална дискусија и се прибираат мислења од сите засегнати страни во процесот на имплементација. Според него, ставот на Министерството е законското решение да се донесе што е можно поскоро, но неговата примена би се одвивала постепено – најпрво со опомени, а потоа со казни.

Забрани и во затворен и на отворен простор

Грбчевски нагласи дека со новиот закон ќе се забрани пушење на класични цигари, електронски цигари и користење уреди со загреан тутун во сите јавни и затворени простории.

„Согласно европските стандарди, забраните се прошируваат и на отворен простор, односно се ограничува пушењето и надвор. Нема да биде дозволено пушење во приватен автомобил доколку во него има дете. Пред влезовите на училиштата и градинките ќе мора да се одржува одредена дистанца, а колкава ќе биде таа, ја оставаме на совеста на граѓаните. На детските игралишта пушењето ќе биде целосно забрането, за децата да не бидат изложени на вакви навики“, изјави тој.

Периодот за прилагодување сè уште се усогласува

Во однос на времетраењето на фазите за прилагодување кон законските измени, Грбчевски рече дека и ова прашање е предмет на тековни усогласувања.

„Дали ќе бидат шест, осум или три месеци, во овој момент не можам да прецизирам. Тоа ќе зависи од одлуката на оперативната работна група“, додаде тој.

Советникот посочи дека државата се соочува со сериозен проблем, имајќи предвид дека речиси половина од населението пуши, а особено загрижувачки е трендот кај младите, што е една од причините за предложените измени.