– Рамо до рамо со нашите сојузници, целосно сме посветени на колективната безбедност. Затоа што ние сме НАТО. Заедно сме посилни!, напиша Заев на Фејсбук.
Лидерите на 30-те земји членки ќе разговараат за иднината на Алијансата и нејзините предизвици.
Целта на генералниот секретар, Јенс Столтенберг, е лидерите да се усогласат за „амбициозна” агенда за 2030-та во однос на безбедноста и одбраната. Тој на лидерите ќе им претстави низа предлози, вклучително и зајакнување на политичката димензија на Алијансата, како и засилување на колективната одбрана и отпорноста на земјите членки во однос на инфраструктурата.
Се очекува Џо Бајден повторно да ја истакне американската посветеност за колективна одбрана на 30-те сојузници во НАТО откако Трамп ја доведе во прашање нејзината важност и предложи во 2018 година Вашингтон да го повлече своето членство.