Љубовната врска на Јенсен Хуанг со жена за која се сомнева дека е кинеска шпионка не престанува да ги полни медиумските рубрики откако веста за првпат се појави на 9 ноември.
Бидејќи Хуанг ја предводи „Енвидиа“, технолошки гигант вреден околу 3,66 трилиони евра, случајот иницира прашања за безбедносните закани и корпоративната шпионажа. Поради важноста на компанијата за американската економија, аферата беше наречена „најскапиот секс од времето на Елена од Троја“.
Иако малку се знае за идентитетот на наводната љубовница на Хуанг, методот што таа наводно го користела има посебно име — ханипот. Тоа е еден вид љубовна стапица во која измамник или шпион се преправа дека има романтичен или сексуален интерес за друго лице со цел да добие пари, имот или доверливи информации.
Pornhub објави дека бројот на пребарувања за терминот „honeypot“ на таа платформа се зголемил за дури 9.354 проценти во неделата по избувнувањето на аферата. Целата приказна ги разбуди сексуалните фантазии кај многу луѓе, а терапевтите за секс и врски објасниле зошто ваквите сценарија се толку привлечни.
Одговорот, според терапевтката за секс и врски Сара Бери, е доста едноставен бидејќи истите се возбудливи.
„Кој не би сакал да заврши во кревет со еден од актерите од ’Бавни коњи‘?“, се пошегува Бери.
Шпионите се прикажуваат како привлечни и заводливи во популарната култура со децении, од Џејсон Борн и ликовите од „Ноќниот менаџер“ до неизбежниот Џејмс Бонд. Сепак, Бери истакнува дека дел од привлечноста на ваквите фантазии лежи во препуштањето на контролата на друго лице.
„Кога ја оставаме иницијативата на друго лице и му дозволуваме да нè заведе, не мора сами да кажеме што сакаме“, објасни Бери.
„Тоа може да биде особено привлечно за луѓето што чувствуваат срам кога станува збор за сексот или за одредени сексуални дејства. Чувството дека правиме нешто забрането, исто така, може да ја зголеми возбудата“, додаде таа.
За оние што сакаат да испробаат таква фантазија со партнерот, таа предлага играње улоги преку елегантно облекување, користење лажно оружје или шпионски реквизити, како и започнување на играта со мартини во луксузен хотел.
„Забавно е да се биде некој друг за кратко време. Тоа ни дава слобода да пробаме нови работи и да најдеме различни начини да се изразиме“, советуваше таа.
Иако ваквите сценарија може да изгледаат возбудливо во имагинацијата, во реалниот живот заведувањето со скриени мотиви може да има сериозни и долготрајни последици. Во 2025 година беше откриено дека 25 прикриени полицајци, кои се инфилтрирале во политички групи, имале сексуални односи со жени на кои не им го откриле својот вистински идентитет, при што четворица полицајци имале и деца користејќи лажни идентитети.
Психосексуалната терапевтка Реа Шахруди предупредува дека во такви ситуации сериозно се поставува прашањето за согласност.
„Можете да се согласите на сексуален однос, но ако другата личност ве лаже за своите намери и ве користи за да ги постигне своите цели, не можеме да зборуваме за целосно информирана согласност за тој однос или средба“, објасни Шахруди.
„Може да изгледа дека постои согласност, но таа не е вистинска бидејќи се темели на лажни информации за тоа кој е другата личност и што навистина сака од вас“, додаде Шахруди.
Психосексуалната терапевтка Џоди Сли објасни зошто луѓето фантазираат за ситуации што можат да имаат катастрофални последици, напоменувајќи дека луѓето понекогаш наоѓаат возбуда токму во работите што им предизвикуваат вознемиреност.
„Од истата причина, некои луѓе ги сакаат хорор-филмовите, возењето на ролеркостер или скокањето со падобран. Нашиот нервен систем како одбранбен механизам може да го претвори стравот во возбуда, а кај некои луѓе истото се случува и кога станува збор за сексуалните фантазии“, рече Сли.
Таа додаде дека мозокот природно обрнува повеќе внимание на она што е различно или забрането, што го поттикнува нивото на допамин и ги зголемува сексуалната желба и возбудата.
„Чувството дека некој нè сака е едно од најсилните чувства што можеме да ги доживееме. Нè прави да се чувствуваме живи и сите копнееме по тоа чувство“, објасни Шахруди.
„Ако некој успее да го разбуди тоа чувство во нас, добива многу моќно средство за влијание. Токму затоа сексуалниот интерес може да се користи толку ефикасно кога зад него стојат скриени намери“, додаде таа.
Мистериозните личности можат да бидат особено привлечни за самците, но и за оние во долгорочни врски каде што секојдневниот живот преовладува, а мистеријата исчезнува со текот на времето. Системот за наградување во мозокот реагира на новина и неизвесност, а исчекувањето понекогаш е посилно од самата награда.
„Мистериозноста е природен дел од човечката привлечност, но кога некој намерно ја создава за да постигне скриени цели, таа станува алатка за манипулација“, заклучи Шахруди.
„Енвидиа“ го врати Јенсен Хуанг на позицијата извршен директор на 23 ноември, помалку од две недели откако коосновачот поднесе оставка поради наводна афера со жена сомничена за шпионажа. Управниот одбор едногласно гласаше за неговото враќање по серија состаноци на кои членовите биле убедени во неговата способност и чесност.
