Американската полиција соопшти дека било пукано во изборната канцеларија на американската потпретседателка и кандидатка на демократите Камала Харис во Аризона, само една недела по вториот обид за атентат врз републиканскиот кандидат и поранешен претседател на САД, Доналд Трамп.
Штетата предизвикана од неколку истрели испукани по полноќ во понеделникот била откриена во канцелариите на Демократскиот национален одбор во населбата Темпи во Феникс, соопшти локалната полиција, пренесува „Њујорк пост“.
„Никој не беше во канцелариите преку ноќта, но ова предизвикува загриженост за безбедноста на оние кои работат во зградата, како и на оние во близина“, рекол портпаролот на полицијата Рајан Кук.
Тој потврдил дека полициските инспектори ги анализираат доказите собрани на местото на настанот и дека се преземени дополнителни мерки за подобрување на безбедноста на персоналот и другите лица кои работат и престојуваат на теренот.
Според него, засега никој не е уапсен во врска со овој инцидент, но властите ги истражуваат можните мотиви.
Инцидентот уследи по вториот обид за атентат врз Трамп на неговиот терен за голф во Вест Палм Бич на 15 септември.
Камала Харис за петок закажа предизборна посета на Аризона, а тоа треба да биде нејзина втора посета на таа важна американска држава откако беше номинирана за кандидатка на претседателските избори на Демократската национална конвенција во август.