ЕВН Македонија во Штип ја пушти во употреба новата високонапонска трафостаница „Штип 1“, со што се поттикнува локалниот развој во Штипскиот Регион. Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер, изјави дека задоволувањето на потребите на корисниците и сигурноста во снабдувањето се секогаш клучни фактори во креирањето на долгорочните цели на компанијата.

– Среќни сме што им овозможуваме на граѓаните на Штип уште поквалитетно снабдување со електрична енергија и ги поддржуваме нивните идеи за производство на електрична енергија од обновливи извори, изјави Маиер.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, најави дека ќе продолжи соработката меѓу Општината и компанијата и во иднина, со дополнителни инвестиции во дистрибутивната мрежа.

– Со ова, значително се подобрува квалитетот на животот, но и условите за водење бизнис и за инвестирање во зелена енергија, што е во согласност со нашата стратегија за енергетска ефикасност, со која е предвидено да се зголеми употребата на обновливата енергија за 20 насто до 2026 година, изјави Јорданов.

Последната надградба на трафостаницата „Штип 1“ им овозможува на постојните корисници на Штипскиот Регион сигурно и квалитетно снабдување со електрична енергија и покрај приклучувањето во дистрибутивната мрежа на идните потрошувачи и потенцијалните производители на струја од обновлива енергија.

Оваа обемна инвестиција, вредна 2 милиона евра, директно го поттикнува и го поддржува економскиот развој на околината на Штип, земајќи ги предвид забрзаната динамика и зголемената заинтересираност на граѓаните за изградба на производствени капацитети од обновливи извори на енергија.