Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц му кажал дека викендов ќе се одржи третата рунда од разговорите мешу делегациите на Русија и Украина , пренесе Укринформ, повикувајќи се на германската Влада.
Разговорот меѓу двајцата траел еден час.
Канцеларот Шолц го повикал руското раководство веднаш да ги прекине сите непријателства и да обезбеди хуманитарен пристап до областите погодени од војната.
„Претседателот Путин го информира германскиот канцелар дека Русија и Украина за викендов планираат трета рунда разговори“, се наведува во соопштението.
ДПА наведува дека Путин во текот на разговорот кажал дека е подготвен да разговара за начините за ставање крај на руската инвазија врз Украина, но само доколку се исполнат условите што ги постави на почетокот на конфликтот.
Германската агенција додава дека Путин на Шолц му кажал дека е подготвен да разговара со сите кои сакаат слобода во Украина, но „само под услов да се исполнат сите руски барања“, а тоа се „неутрален и ненуклеарен статус на Украина, демилитаризација, денацификација, признавање на рускиот Крим и суверенитетот на ДНР и ЛНР“.
Германската Влада додава дека Шолц и Путин се договориле наскоро да имаат дополнителни разговори.