Рускиот претседател Владимир Путин денес во Санкт Петербург се сретна со специјалниот претставник на американскиот претседател Стивен Виткоф, а тие разговараа за решавањето на конфликтот во Украина, односите меѓу Русија и САД и кризата во Иран, пренесува РИА Новости.

На почетокот од разговорот, Путин му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за вниманието што го посветува на решавањето на украинскиот конфликт и се интересираше за резултатите од вчерашните консултации меѓу делегациите на САД, Украина и Европската Унија во Норвешка.

Виткоф му се заблагодари на Путин за ослободувањето на американскиот државјанин Стивен Хабард, а рускиот претседател изјави дека Хабард е на аеродромот Пулково.
Виткоф нагласи дека Русија и САД имаат перспективи за развој на економските односи по завршувањето на конфликтот во Украина.

Путин рече дека за време на нивниот последен разговор, Трамп ја нагласил потребата од прекин на конфликтот во Украина со цел да се спречат човечките загуби.

Рускиот претседател, исто така, истакна дека Москва е подготвена да разговара за обновување на економската соработка со Вашингтон.

Зборувајќи за ситуацијата во Иран, Путин рече дека е заинтересиран за проценките на моменталната криза и рече дека Русија е подготвена да помогне во нејзиното решавање.

На состанокот присуствуваат и помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков и директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции и економска соработка со странски земји, Кирил Дмитриев.

Ова е деветта посета на Виткоф на Русија.

Во вторникот во Осло, Виткоф се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и финскиот претседател Александар Стаб, додека Кушнер се вклучи во разговорот од далечина.

По консултациите, Стаб изјави дека е постигнат напредок и дека се разработени одредени елементи во областа на безбедноста и економијата, кои Виткоф треба да ги презентира на руското раководство, пренесува Танјуг.