Работниците на „Колска оставени во неизвесност – трет месец без плата
Педесетина вработени во велешката фабрика за шински возила „Колска“ денеска излегоа на предупредувачки протест, барајќи исплата на заостанатите плати. Овие работници веќе трет месец се без примања, иако фабриката има вагони за сервисирање.
„Новогодишните и божиќните празници ги поминавме без денар. Дополнително, немаме ниту здравствено осигурување, што е сериозен проблем за нас и нашите семејства,“ велат вработените.
Продажба преку стечајна постапка без консултации со работниците
Владата донесе одлука „Колска“ да биде продадена на струмичка компанија преку реорганизација во стечајна постапка, но работниците тврдат дека никој не ги известил што ќе биде со нив.
„Ниту некој не’ исконтактира, ниту имаме информации дали ќе останеме без работа,“ изјавуваат загрижените вработени.
Дополнително, поранешниот директор одбил да ги потпише документите за реорганизација, поради што бил сменет.
Синдикатот најавува блокада на железничкиот сообраќај
Работниците добија поддршка од Сојузот на синдикати на Македонија. Претседателот на синдикатот, Слободан Трендафилов, најави порадикални мерки доколку не се исполни нивното барање.
„Ако до денеска не се исплати платата, од понеделник ќе ја блокираме железничката мрежа,“ предупреди Трендафилов.
Премиерот Мицкоски ветува исплата до понеделник
На ова реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека ситуацијата се одвива различно од претходните разговори со работниците.
„Кога разговаравме за иднината на ‘Колска’, вработените имаа еден став, а сега велат нешто сосема друго. Но, платите ќе бидат исплатени до понеделник,“ вети Мицкоски.
Проблеми со нарачки и лоши услови за работа
„Колска“ е задолжена за сервисирање на возовите на Македонски железници (МЖ), но работниците велат дека во последниот период имаат сè помалку работа.
„Од ‘МЖ Транспорт’ не добиваме доволно нарачки, бидејќи таму нема Управен одбор кој би ги потпишувал договорите,“ објаснуваат вработените.
Покрај финансиските проблеми, условите за работа се крајно лоши – прозорците на погоните се искршени, а опремата е застарена и нефункционална.
Клучно рочиште за судбината на фабриката
На 19-ти март, во велешкиот суд ќе се одржи стечајно рочиште, на кое ќе се разгледува планот за реорганизација. Според предлогот, фабриката, заедно со вработените и долговите, треба да ја преземе компанија од струмичко.
Најголеми доверители на „Колска“ се Управата за јавни приходи (УЈП) и комуналното претпријатие „Дервен“ од Велес.
Додека се чека судското рочиште и владината реакција, работниците остануваат во неизвесност, без плати и со загрозена егзистенција. Извор: ТВ24.