Претседателот на Бугарија Румен Радев изјави дека Бугарија е главен извозник на електрична енергија во регионот и дека е подготвена да го зголеми својот извоз во Република Северна Македонија во согласност со правилата на европскиот енергетски пазар и бугарското законодавство и интересот на бугарските граѓани и бизниси, јавува дописникот на МИА од Софија.

Радев изјави дека заедно со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, разговарале за можностите ЕУ финансиски да ги поддржи можностите на Северна Македонија за да се избегне евентуална ликвидносна криза во зима во однос на снабдувањето со електрична енергија во земјава.

Бугарскиот претседател изрази надеж дека ќе има напредок во оваа насока, но тоа, зависи од одлуката на европските институции, како и на Република Северна Македонија да ги упатат соодветните барања, за што, вели, Бугарија веќе помага. Радев рече дека Бугарија веќе има формирано заедничка работна група со Северна Македонија.

Преостанатите политички разговори меѓу двете земји, според Радев, се одвиваат во нормална атмосфера на меѓусебно почитување и пријателство. Многу е важно во Република Северна Македонија да се разбере, рече претседателот на Бугарија, дека спроведувањето на билатералните обврски треба да продолжи што е можно поскоро. Тоа е гаранцијата за забрзување на европската интеграција за Република Северна Македонија, рече Радев и потсети дека вистинските преговори за нејзино членство согласно преговарачката рамка не се започнати, а ќе почнат, кога земјата ќе ги вклучи Бугарите во својот Устав. Треба да се решат сите прашања што се одложуваат долги години. Неизбежен е разговорот за заедничката историја со Република Северна Македонија.

-Очекувам државниците во нашата пријателска земја да покажат политичка мудрост и да ја градат европската иднина на Република Северна Македонија ослободена од идеологиите на минатото, вели бугарскиот претседател Румен Радев.

За време на престојот во Софија, вчера, по повод официјалното пуштање во комерцијална употреба на гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ), Пендаровски имаше средби со претседателката на Еврокомисијата, Фон дер Лајен и со бугарскиот претседател Радев, на кои главни теми беа актуелната енергетска криза и очекувањата за помош од ЕУ во справувањето со неа. Во Бугарија денеска се оддржуваат нови предвремени парламентарни избори, четврти во последните две години.