– Додека не се реши прашањето за човековите права и недискриминацијата на Бугарите во Република Северна Македонија не гледам како ќе се отвори вратата за преговори за членство, рече вчера бугарскиот претседател Румен Радев по средбата со претставници партијата ГДУ и на шест здруженија на Бугарите од Македонија. Потпретседателката Илијана Јотова, пак, потенцира дека Договорот за добрососедство не е добар документ и дека вистинскиот проблем за решавање со Скопје не се историските теми, туку „прашањето за правата на македонските Бугари“.
Радев вчера ја одржа првата средба на еден бугарски претседател со претставници на македонските Бугари, на кои им рекол дека Бугарија цврсто стои зад нив и дека овој став веќе го искажал пред ЕУ и на средбите со францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел. Според него, без соработка со македонските Бугари, Бугарија не може соодветно да ги заштити нивните права, а Софија моментно е во процес на формулирање нова политика.
– Треба да биде јасно дека покрај заштитата на вашите права, имаме и поширок интерес за Република Северна Македонија, но вашиот интерес ќе биде на прво место. Тоа многу зависи од вашето единство – им рекол Радев на претставниците на здруженијата и потсетил дека и во Договорот за добрососедство пишува дека Бугарија има право да ги брани правата на македонските Бугари.
Според Радев, бугарските граѓани се граѓани на ЕУ, па нивната дискриминација е дискриминација на Европејци.
– Додека не се реши прашањето за човековите права и недискриминацијата, не гледам како ќе се отвори вратата за преговори за членство. Ова фундаментално прашање не зависи од тоа која влада и кој парламент ќе биде на власт. Ова е прашање што се однесува на европските вредности вградени длабоко во темелите на ЕУ – изјави Радев.
Јотова рече дека Радев бил под жесток притисок на претседателите на ЕК и на Советот на ЕУ и комесарот за проширување, но го вратил бугарскиот интерес на европската маса.
– Нашата земја изгуби многу време потпирајќи се само на историски факти кои се далечни и неразбирливи за европските партнери. Последната политичка влада не го отвори прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија, потпирајќи се само на историските факти и Договорот за добрососедство. Дури по март 2021 на европска маса беше ставена темата за правата кај нашиот сосед и тоа го направи претседателот Радев. Сигналите што ги добивме од вас, фактите што ги забележавме, медиумите што ги читаме од другата страна на границата се доволен доказ за тоа. Последната бугарска политичка влада побегна од ова. Нема ништо лошо во заедничкото славење празници и положување венци. Заблудата беше дека, порано или подоцна, преку овие историски факти ќе најдеме полуконсензус меѓу двете земји и така во иднина ќе се отвори патот за членство. Но тоа не се случи. Мое цврсто мислење е дека Договорот за добрососедство не е добар документ. Тој е премногу општ, рамковен и не се спроведува – рече Јотова по средбата со здруженијата на Бугарите од Македонија.
Таа додаде и дека владите на двете земји избегнаа политичка одговорност и сè им препуштија на научниците од Мешовитата комисија, која не нашла решение.
На средбата со Радев и Јотова вчера присуствуваа политичката партија Граѓанско-демократска унија, здруженијата Центар за култура „Иван Михаилов“ од Битола, „Трибина“ од Прилеп, Македонско-бугарско пријателство“ од Скопје, „Коридор 8“ од Скопје, „Интеракција“ од Охрид и „Единство“ од Кочани.