Во изминатиот период во општина Радовиш се реализираат и започнати се бројни проекти во инфраструктурата, образованието, спортот, културата, животната средина и локалниот економски развој. Во тек е уредување на јавни површини и продолжување на инвестициски активности, со цел Радовиш да стане современа, развиена и урбана општина.
Според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, во градот Радовиш и во населените места се поставува бекатон, завршена е реконструкцијата на улицата „Ванчо Прке“, а се реализираат и активности за регулација на Ораовичка Река. Во село Воиславци е завршена регулацијата на поројот и изградбата на улица по неговата траса, проектот е во завршна фаза. Продолжува изградбата на обиколницата „Малешевски пат“ кај село Подареш.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во изминатата година посебно внимание е посветено на младите преку повеќе мерки и субвенции, насочени кон подобрување на нивниот стандард и создавање услови за останување во општината.
„Во период од една година во Радовиш посебен фокус е ставен на младите, со субвенции за возачки дозволи и велосипеди, униформи за првачиња, поддршка за матурантите и ослободување на младите до 35 години од комуналии при изградба на нов дом. Беа доделени субвенции за добивање возачка дозвола, при што 91 млад човек го оствари правото на субвенција во износ од 12.000 денари, беа доделени 25 субвенции за купување велосипеди, на учениците од прво одделение им беа обезбедени ученички униформи, на матурантите и полуматурантите им беа покриени трошоците за матурската прослава, беа наградени и одликувани образовните работници по повод Денот на просветните работници,“ велат од таму.
Од партијата како особено значајна ја издвојуваат и мерката за ослободување на младите до 35 години од плаќање комуналии при изградба на нов дом:
„Посебно значајна беше мерката за ослободување на младите до 35 години од плаќање комуналии при изградба на нов дом. Интересот за оваа мерка покажа дека постои реална потреба од создавање услови младите луѓе да останат, да градат домови и да го планираат својот живот во Општина Радовиш.“
Во рамките на тековните и идните вложувања, велат од ВМРО-ДПМНЕ, се продолжува со инвестиции во улици, јавни површини, спортски и културни објекти, Градскиот пазар, противпожарната единица и подобрување на јавните услуги.
„Целта на локалната самоуправа во Радовиш е јасна, Радовиш да биде современа, развиена и модерна општина, во која младите ќе остануваат, ќе создаваат семејства и ќе ја градат својата иднина,“ велат од партијата.
