Тренерот, Дарко Радуловиќ, по денешниот меч изјави дека знаел дека ќе биде тешко.

– Мислам дека се разбудивме дури во второто полувреме од овој натпревар. Во првото полувреме игравме без енергија, не го препознавав тимот, немавме добра реакција, добро трчање, немавме скок. Сите шутеви ни беа некако изнудени и тоа не изгледаше добро за нас. На полувремето се договоривме да се мобилизираме, излеговме сосем друга екипа од прво полувреме. Погодивме важни шутови, трчавме добро, одбраната ја стегнавме малку и заслужено победивме, изјави тој.

Како што рече, „таа верба во себе што ја покажаа играчите, на крајот одлучи“.

– Знаевме дека ќе биде тешко, добро е што се вративме во второ полувреме, дојдовме на некој наш начин на игра, внесовме енергија и почнавме да трчаме и тоа го реши моментот, додаде Радуловиќ.

По одиграни пет кола, македонскиот првак има четири победи и еден пораз, и се наоѓа едно место зад лидерот, Борац.

Аеродромци следниот меч на турнирот во Сараево ќе го одиграат задутре и тоа против домашниот состав на Спарс од 21 часот.