“Убеден сум дека проектот Отворен Балкан ќе преживее, затоа што мирот мора да преживее. И тоа мора да биде неповратно, засекогаш“, кажа Рама за Дојче веле по вчерашниот состанок со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со вицепремиерот на Македонија Никола Димитров во Белград.

Рама рече дека верува дека Албанците „постигнаа многу со тоа што ја убедија Србија да го прифати Отворен Балкан за шест земји“ и додаде дека е „важно што Србија прифати дека нема граница меѓу Албанија и Косово“.

“Ова се обидуваа да го направат и го ветуваа сите, но никогаш не можеше да се реализира зашто секогаш кога бевме близу, целиот свет стануваше и велеше дека се прави Голема Албанија. Има некои што не сакаат да го разберат тоа, па велат: ‘Зарем ќе добиваме дозвола од Србија?’ Тука не станува збор за добивање дозвола, станува збор за тоа да направиме нешто, а тоа не може да се направи ако Србија алармира и ако каже дека се прави Голема Албанија“, наведе тој.

Рама рече дека Србија не само што не е пречка за бришење на границите меѓу Албанија и Косово, туку е и „спремна да го прифати Косово на масата како рамноправно, кога е во прашање Отворен Балкан“.

“Воопшто не разбирам зошто би требало да се отфрли оваа можност и зошто луѓето мора да страдаат, оние луѓе на кои им е потребно тоа првенствено заради нивната работа, заради нивниот бизнис и заради нивната слобода на движење. Јас тоа не го разбирам“, рече албанскиот премиер.

За односот со Вучиќ, Рама вели дека „разговараат за сè и мошне отворено“, но дека се „согласија дека не се согласуваат за прашањето за Косово“, за што албанскиот премиер изнесе мислење и во Белград.

Рама се осврна и на многубројните критики што ги добива од Албанија и од Косово поради поддршката на иницијативата Отворен Балкан.

“Ако е предавство да размислуваш за иднината, мирот, економскиот раст, соработката и за благосостојбата на општеството, а да не размислуваш за конечното решение на прашањето за Косово, тогаш јас сум предавник. И тука нема дискусија: и ќе останам предавник“, рече Рама.

Тој оцени дека односите меѓу Србија и Косово се „суштинско и мошне важно прашање“ и укажа на примерот на Германија и Франција по Втората светска војна.

“Ако би му се приклучило на проектот Отворен Балкан, Косово би имало директни економски бенефиции, додека истовремено во процесот на дијалози може да продолжи да ги изнесува своите ставови за кои нема дискусија и да ја оствари својата цел. Во историјата, колку што ја познавам јас, не постои пример на успешно решавање на конфликтите без употреба на сите можни неопходни алатки“, рече Рама.

Тој наведе дека процесите на приближување на Србија и Косово не се лесни, но дека тврди дека спротивното е невозможно.

“Не велам дека ова е магично решение, но велам дека нерешавањето и другите екстремни опции не водат апсолутно никаде. Колку повеќе се приближуваат страните, колку повеќе се гледаат во лице, колку повеќе најдат заеднички интереси, не во теоријата туку во практиката, колку повеќе ќе успеат да реализираат контакти, ќе се создадат многу повеќе можности главниот проблем да се третира на попозитивен начин“, рече Рама.

Истото ова, наведува Рама, важи и за БиХ.

“Босна и Херцеговина секако би профитирала од Отворен Балкан и луѓето би биле поопуштени кога не би имале граници што ја спречуваат слободата на движење, кои ги потсетуваат дека се раздвоени, дека се во тешка економска и социјална положба, како и на разни други работи. Истата работа важи и за Црна Гора. Јас мислам дека сите ќе дојдат во Отворен Балкан, зашто не постои друг пат“, кажа премиерот на Албанија.