-Мислам дека станува се појасно дека проширувањето и членството на Западен Балкан е сe помалку реторика на Европската унија. Проширувањето е збор кој се помалку се користи со страст и волја со која се користеше пред неколку години и нема сомнение дека на процесот на проширување ќе му треба повеќе време, затоа ЕУ треба да го вклучи Западен Балкан во заеднички дела, рече Рама на седмиот тирански форум за инфраструктурна интерконекција помеѓу земјите од Западен Балкан и Европа.

Со цел приближување на Балканот до ЕУ, според премиерот, инициран е процесот „Отворен Балкан“, кој не е во спротивност со „Берлинскиот процес“, туку е анекс кон него.

-Има многу конфузни дискусии за Берлинскиот процес, за Отворен Балкан, но за мене тоа е многу јасно. Отворен Балкан е инспириран од Берлинскиот процес, тоа е природен развој на Берлинскиот процес, тој е инструмент создаден во регионот, за да се пласираат сите напори од регионот, за да се имплементираат принципите и целите на самиот Берлински процес, додаде тој.

Рама ја повика Хрватска да ги здружи силите во завршувањето на Јадранско-јонскиот коридор.

Тој ги претстави и главните проекти што се очекува да почнат од крајбрежниот град Драч, како што се железницата Тирана-Драч, Драч-Приштина-Ниш и Драч-Скопје.

-Конечно, веќе гледаме како почнува работата за пругата Тирана – Драч, што беше долг процес. Во моментов треба да го поврземе Драч со Црна Гора, во смисла на железница, бидејќи во спротивно, тогаш нема смисла. Поврзувањето на Драч со преминот Хан Хоти и понатаму со Црна Гора ќе ја поттикне трговијата. Паралелно со ова, ние секако сме заинтересирани и со нетрпение очекуваме да работиме на другата железница, а тоа е Драч – Приштина и потоа поврзување со Ниш, како и Драч-Скопје, што повторно ја носи целата инвестиција во поширока мрежа, не само регионална, туку и европска, посочи Рама.

Според Ора њуз, која ја пренесува веста, Европската унија ќе обезбеди 30 милијарди евра, за финансирање главно во патната, дигиталната и железничката инфраструктура за Западен Балкан.