На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани уште шест пациенти со сомнение за западно-нилска треска. Лекарите бележат зголемен број лица кои се јавуваат со воспаление на мозокот, а според клиничката слика и симптомите постои сомнеж дека станува збор за инфекција предизвикана од западно-нилската треска, која се пренесува преку заразени комарци.
Кај новите пациенти се спроведуваат дополнителни испитувања за да се утврди конечната дијагноза.
Во моментов, на Клиниката за инфективни болести има 10 пациенти со лабораториски потврдена западно-нилска треска. Од нив, тројца сè уште се лекуваат на Одделот за интензивна нега.
Во соопштението на Министерството за здравство за актуелната епидемиолошка состојба е наведено дека нема нови лабораториски потврдени случаи. Од Институтот за јавно здравје информираат дека не се пристигнати нови лабораториски потврди, а последните примероци земени од сомнителните случаи биле негативни на PCR-тестирањето.
Воедно, од Министерството за здравство соопштуваат дека на Клиниката за инфективни болести нема новопримени пациенти со сомнение за западно-нилска треска. Оттаму посочуваат дека се во постојана координација со надлежните институции и внимателно ја следат состојбата.
Западно-нилската треска не се пренесува од човек на човек, туку исклучиво преку убод од заразен комарец.
Институтот за јавно здравје им препорачува на граѓаните да користат средства за заштита од комарци, особено доколку патуваат во подрачја каде што постои ризик од вакви заболувања. Репелентите може да се нанесуваат во секое време од денот, како во затворени простории, така и на отворено.
Според здравствените препораки, комарците што ја пренесуваат оваа инфекција се најактивни во текот на денот, особено во раните утрински и доцните попладневни часови. За разлика од нив, комарците што ја пренесуваат маларијата се најактивни од самрак до изгрејсонце.
Годинава е регистриран најголем број случаи на западно-нилска треска. Покрај оваа векторски пренослива болест, евидентирани се и осум случаи на маларија, денга и зика.
