Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди југозападната кинеска провинција Сечуан се искачи на 82, јавија државните медиуми.
Во земјотресот од понеделникот, најсилниот што ја погодил покраината од 2017 година, се повредени повеќе од 270 луѓе, додека 35 се водат како исчезнати. Властите повторно ги отворија патиштата до епицентарот на земјотресот во Лудинг. Градот доцна синоќа го потресе последователен потрес со јачина од 2,9 степени според Рихтеровата скала, објавија државните медиуми.
Синоптичарите издадоа портокалово предупредување, второ највисоко, за можни геолошки катастрофи во Лудинг, кои може да вклучуваат лизгање на земјиштето. Помалку сериозно жолто предупредување е издадено за централниот и западниот дел на Сечуан.
Провинцијата Сечуан и областа Лудинг беа особено погодени, особено префектурата Ганзи, каде што живеат претежно Тибетанци, и Шимијан во близина на градот Јаан. Тоа е област околу два часа со автомобил југозападно од главниот град на провинцијата, Ченгду.
Голема спасувачка операција во која учествуваат илјадници луѓе трае со денови, а мобилизирана е и армијата. Илјадници куќи биле уништени или оштетени. Земјотресот предизвика и одрони кои ги блокираа улиците.
Провинцијата Сечуан, која се наоѓа на работ на индиската континентална плоча и евроазиската плоча, е особено подложна на земјотреси. Во 2008 година, областа беше погодена од земјотрес со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала во кој загинаа повеќе од 80.000 луѓе.