Зголемен е интересот за вакцинација по појавата на првиот случајот на пертусис. Од крајот на јануари досега вакцинирани се над 1.700 предучилишни дечиња и 915 деца на училишна возраст, соопштија денеска надлежните од вакциналниот пункт од Здравствен дом Куманово.
-Имаше голем број невакцинирани деца дали со втора, трета доза, дали со ревакцина, ние тука постигнавме доста голем успех и кај некои и целосно го исполнивме вакциналниот статус за да можат редовно да одат во градинка и пред сè да бидат заштитени и самите, но и околината во која се наоѓаат, за да го постигнеме оној колективен имунитет што значи и заштита од заразни заболувања, изјави началникот на детски диспанзер, д-р Валентина Богоевска-Димитриевска.
Куманово е под засилен епидемиолошки надзор поради состојба со „голема кашлица“. Најновиот потврден случај е 15 годишна ученичка од Кратово. Таа е вакцинирана со пет дози и е на домашна терапија. На ниво на Куманово има 23 регистрирани случаи, центарот за јавно здравје пријави епидемија.
– Продолжуваме да ги следиме препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство за да го продолжиме континуитето на вакцинирање и да придонесеме за зачувување на здравјето на сите нас особено на најмалите кои се во период кога не можат да бидат вакцинирани, изјави Богоевска-Димитриевска.
Во осумте објекти на градинката „Ангел Шајче“ се примаат деца со примени три дози вакцина против „голема кашлица“.