Поранешниот американски претседател Џо Бајден посвети посебно внимание на своите разговори со рускиот претседател Владимир Путин во своите нови мемоари. Тој особено се осврна на телефонскиот повик што го имале неколку месеци пред почетокот на руската воена инвазија врз Украина.
Во извадок од неговата книга „Вети ми, Америка“, Бајден раскажува за напнатиот телефонски разговор од 7 декември 2021 година, за време на кој директно се соочил со Путин во врска со натрупувањето на руските воени трупи на границата со Украина. Тој тогаш отворено го предупредил дека евентуалната инвазија ќе предизвика остри санкции врз Русија и ќе доведе до американска воена помош за Киев.
Бајден наведува дека американските разузнавачки служби добиле конкретни докази уште на есента 2021 година дека Москва подготвува многу поголема воена операција од ограничен упад во спорниот регион Донбас. Според него, разузнавачките информации јасно укажувале дека Путин имал намера да ја окупира цела Украина и насилно да ја собори владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Кога се соочил со овие сознанија, Путин ги отфрлил сите загрижености на официјален Вашингтон и негирал какви било агресивни намери кон соседната држава.
„Тој беше криптичен, како и обично. Јас не бев. Му објаснив дека Русија ќе биде казнета со строги санкции ако изврши инвазија и дека ние ќе ѝ обезбедиме на Украина потребна помош за да се одбрани“, напиша Бајден.
Путин, според описот на Бајден во книгата, едноставно ги кренал рамената и тврдел дека не е виновен за ништо, што американскиот лидер го оцени како крајно разочарувачки и неубедливо.
Бајден, исто така, посочи дека разузнавачките информации од февруари 2022 година укажувале оти Москва планира сложена операција со лажно знаме што требало да послужи како изговор за почеток на воената агресија, опишувајќи го сето тоа како сценарио во холивудски стил.
„Со месеци бев сигурен дека Путин ќе започне целосна инвазија на Украина. На почетокот, не можев никого да убедам. Ниту Европејците, ниту земјите од НАТО, ниту Украина“, рече Бајден.
Тој детално објасни дека постоеле повеќе причини зошто сојузниците се сомневале во можноста за толку голем напад. Германија останала во голема мера зависна од руските енергенси, додека одредени европски влади, по искуствата од претходниот период, се двоумеле дополнително да ја зголемат својата зависност од Вашингтон. Во исто време, украинските власти не сакале јавно да шират паника за војна за да не предизвикаат економска дестабилизација.
Поради таквиот развој на настаните, Бајден на крајот се одлучил на необичен чекор со јавно објавување на дел од доверливите разузнавачки податоци за руските планови, свесно прифаќајќи го ризикот од откривање на чувствителни извори и методи на американското разузнавање.
Во своите мемоари, Бајден го претставува Путин како авторитарен лидер кој бил цврсто решен да ја спречи Украина да стане просперитетна демократија надвор од контролата на Москва, бидејќи нејзиниот напредок го доживувал како директна закана за сопственото владеење.
„Стануваше збор за успехот на Украина како вистинска демократија, со економија во подем, принудувајќи ги Русите да ја препознаат сопствената сиромаштија и недостаток на можности. Тоа беше неприфатливо за лидер чиј недостаток на имагинација го принудуваше да му негира на својот народ какво било знаење за просперитетот на Западот“, напиша Бајден.
Поранешниот претседател на САД се присети и на личните средби со рускиот колега, посочувајќи дека Путин намерно оставал студен впечаток и постојано доцнел на состаноците со светските лидери за да создаде психолошка предност. Бајден тврди дека не прифаќал такви игри, па намерно го одложувал сопственото пристигнување сѐ додека не добиел потврда дека рускиот претседател веќе влегол во салата.
Тој раскажува и за разговор во кој Путин се фалел со територијалната големина на Русија и фактот дека се протега низ осум временски зони, на што Бајден му одговорил со шега поврзана со климатските промени.
„Да, и сè се топи“, рекол Бајден.
Бајден опишува и многу постара средба од периодот кога ја извршуваше функцијата потпретседател на Барак Обама, при што отворено се соочил со Путин.
„Тогаш се разбираме совршено“, гласел одговорот на Путин откако Бајден директно му кажал дека не гледа душа во неговите очи.
