Во тек се разговори за враќање на играчот од средниот ред на Манчестер јунајтед, Пол Погба во Јувентус. Според „Tuttosport“, францускиот фудбалер е во потрага по тим во кој ќе може да ја покаже својата најдобра страна, а верува дека клубот од Торино е тоа што му треба.
Трансферот на 29-годишниот играч од средниот ред го поддржува и главниот тренер на тимот Масимилијано Алегри.
Според пишувањата во италијанските медиуми, до крајот на неделата членови од управите на двата клуба ќе се сретне со Пимиента, застапникот на Погба, за да ги одредат условите на договорот. Најавите се дека фудбалерот ќе добие 7,5 милиони годишна плата плус бонуси.
Во сезоната 2021/22, Погба одигра 27 натпревари за Манчестер јунајтед во сите натпреварувања, постигнувајќи еден гол и девет асистенции.
Да потсетиме дека Французинот играше за Јувентус од 2012 до 2016 година.